ЛАГ АГРО ЛИДЕР со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија ја организираше конференцијата “Со еднакви можности до одржливи заедници” со што се одбележа Меѓународниот ден на жената од руралната средина, 15 октомври. Настанот е организиран во насока на активно вклучување на сите засегнати страни во движењето за социо-економско јакнење на руралната жена. Воедно на настанот беше промовирана новата веб страница www.domasno.mk, платформа која е директна поддршка за жените земјоделки и преку која тие поедноставно ќе се поврзат со пазарите во земјата, а притоа ќе обезбедат приходи во услови на епидемија со КОВИД-19.
Остварување на правата и еднакви можности за сите граѓани во општеството е темел на отвореното општество. Затоа, повеќе од 28 години Фондацијата, вложува ресурси и поддржува иницијативи за унапредување на правата на жените и постигнување целосна рамноправност во општеството. Глобално, жените сочинуваат над 40% од земјоделската работна сила и играат клучна улога во заедницата и придонесуваат во домаќинствата. Меѓутоа, поради нееднакви социјални норми, жените земјоделки имаат помал пристап од мажите за да обезбедат сопственост на земјиштата, а споредено со другите жени работнички во нашето општество, жените земјоделки немаат право на користење породилно отсуство – истакна Данче Даниловска-Бајдевска, Програмска Директорка во Фондацијата Отворено општество – Македонија која говореше на настанот.
„Фондацијата Отворено општество – Македонија, со поддршка од Заедничкиот фонд за брз одговор на КОВИД-19 обезбеди 148.000 долари за развој на иновативни модели за справување со економските неповолности и директна поддршка за работниците и работничките од земјоделската, текстилната и неформалната економија, а со цел да се ублажат социо-економските последици. Една од поддржаните организации е ЛАГ АГРО ЛИДЕР од Кривогаштани. ЛАГ АГРО ЛИДЕР успеаја со доделените ресурси да ја развијат првата платформа во државава, www.domasno.mk, специјализирана за промоција и маркетинг на земјоделски производи на жените земјоделки и поврзување на произведувачките на земјоделски производи со пазарите. Оваа платформа е директна поддршка за жените, односно преку неа се обезбедуваат приходи за жените земјоделки. Со оваа нивна идеја придонесуваат во намалување на социо-економските последици предизвикани од КОВИД-19.“ – посочи Даниловска-Бајдевска.
Погледнете го промотивносто видео за domasno.mk тука
Фондацијата останува посветена на проблематиката и заедно со ЛАГ АГРО ЛИДЕР и други 5 граѓански организации продолжува активно да работи на застапување за усвојување на нови или редефинирање на постоечките политики во национален и регионален контекст, во насока на подобрување на заштитата и благосостојбата на работниците и работничките од земјоделската, текстилната и неформалната економија.
—————————————————
16 октомври 2020