Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Законот за буџетите е еден од клучните закони со кои се уредува раководењето со јавните финисии, нивното планирање и начинот на контрола на јавните пари. Предлог-Законот за буџетите е документ на кој Министерството за финансии работеше во последните 5 години и истиот конечно е јавно објавен. Поттикнати од важноста законот, но и од недоволната информираност на јавноста за Законот, Фондацијата отворено општество – Македонија (ФООМ) и Здружението за истражување и анализи ЗМАИ (ЗМАИ) организираа дискусија за Предлог-Законот на која стручната јавност и медиумите ќе бидат запознаени со текстот на Законот и ќе имаат прилика да го дадат својот придонес за негово подобрување.

На дискусијата учествуваше Заменик-министерот за финансии д-р Димитар Ковачевски, кој за носењето на овој Закон посочи дека за да се постигне ефикасно, транспарентно и модерно управување на јавните финансии, Владата ја спроведува Програмата за реформи во управувањето со јавните финансии, за унапредување на одредени области во јавните финансии: администрирање и наплатата на приходите, фискално прогнозирање, подготвување и извршување на буџетот, јавни набавки, управување со долгот, јавната внатрешна финансиска контрола и надворешната ревизија.

„Во постојниот Закон за буџети од 2005 година, со неколку дополнителни измени, уредени се постапките за изготвување, донесување, извршување на Буџетот на Република Северна Македонија и буџетите на единиците на локалната самоуправа и на градот Скопје, како и известување за извршување на буџетот, кои пак не се во согласност со новите трендови, препораки на меѓународни институции и директиви на Европската Унија. Од наведените причини Министерството за финансии ја увиде потребата од изработка на целосно нов закон. Би сакал да истакнам дека подобрувањето на управувањето со јавните финансии и зајакнувањето на среднорочното буџетско планирање е еден од најголемите приоритети на Владата на Република Македонија во процесот на пристапување во Европската Унија. Притоа, новиот предлог Закон за буџети е во согласност ЕУ директивите и со определбата за подобрување на системот за управување со јавните финансии, со цел обезбедување рамка за водење здрава, предвидлива и одржлива фискална политика и зголемување на буџетската дисциплина и одговорност.“ – рече Ковачевски.

Виктор Митевски, Претседател на ЗМАИ и поранешен советник на Министерот за финансии даде детален осврт на клучните компоненти од Законот. Според Митевски, носењето на Законот е позитивен исчекор кон унапредување на системот за управување со јавните финансии, а присуството на Заменик-министерот за финансии на оваа дискусија, само ја покажува волјата за вклучување на стручната јавност во подобрување на текстот на Законот. Покрај позитивните страни на Законот, Митевски истакна дека во Предлог-Законот има недоречености и потребно е дополнително усогласување со Европските начела за управување со јавните финансии.

„Фактот што овој текст на Законот содржи член кој ги уредува фискалните принципи е за поздравување, но важно е да се нагласи дека предлогот не содржи потполна и сеопфатна дефиниција на фискалните правила кои треба да обезбедат стабилен и одржлив систем на јавни финансии“, изјави Митевски и додаде: „Донесувањето на Законот за буџетите мора да биде пропратен со носење на голем број на подзаконски акти и секако воспоставување на интегриран информациски систем кој ќе овозможи целосно имплементирање на Законот“.

Уредувањето на транспарентноста при планирањето и трошењето на јавните пари е важен елемент на Предлог-Законот за буџетите. Фани Каранфилова-Пановска, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество-Македонија, истакна дека вклучувањето на јавноста уште во процесот на планирање на буџетите на министерствата е еден од клучните сегменти за создавање на Буџет кој ќе ги отсликува потребите и барањата на граѓаните. Сепак одредбата со која е предвидено секое министерство и општина да воспостават механизам за консултации со своите засегнати страни и граѓани потребно е попрецизно да ги дефинира „механизмите“ кои буџетските корисници ќе треба самостојно да ги воспостават. Ако се остави на буџетските корисници сами во целост да ги дефинираат механизмите, многу веројатно е дека на оваа одредба, пред сè ќе се гледа како на можност за исполнување на сопствени цели и интереси, а не како на алатка за вклучување на граѓаните. Каранфилова-Пановска истакна дека „На овој начин, институциите ќе се обврзат да водат сметка за потребите на граѓаните и да ги вклучат граѓаните уште од почетокот, при самото креирање на буџетските циркулари“. Таа исто така додаде дека, голем недостаток во Предлог-Законот е недореченоста за составот на Фискалниот совет, односно Советот освен што ќе ја претставува стручната, академската и професионална јавност, треба да го претставува и граѓанскиот сектор. Оттука, при дефинирањето на критериумите за членови на Фискалниот совет, треба да се уреди дел од нив покрај неопходната наобразба и стручно знаење да бидат и со докажано искуство од граѓанскиот сектор.

Присутните се сложија дека Законот за буџетите е од исклучителна важност и за поздравување е одлуката за негово донесување, но дадоа и свои видувања на тоа како предлогот на Министерството може да биде подобрен. Граѓанскиот сектор и стручната јавност се надеваат дека нивните предлози ќе бидат земени предвид при носењето на Законот и апелираа за негово скоро носење со цел процесот за планирање на Буџетот за 2022 година да биде согласно новото законско решение. Претставниците на ЗМАИ и ФООМ, организатори на јавната расправа, истакнаа дека овој Закон ќе постави основа за подобро планирање и извршување на сите идни Буџети на државата и општините.

—————————————————

2 ноември 2020