Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Традиционалниот настан Speech4Teachers, кој се одржа на 7 октомври 2020, годинава беше посветен на одбележување на Меѓународниот ден на учителот. Улогата на учителите во образованието и развојот на децата е огромна и токму тоа беше темата на која зборуваа повеќе образовни експерти, практичари и креатори на образовни политики.

МИЛА ЦАРОВСКА, Министерката за образование и наука се обрати на присутните и ја истакна важноста и улогата на наставниците во образовниот процес, но и во развојот на децата. Министерката рече дека наставниците, без разлика од која етничка заедница доаѓаат, се најважни во овие процеси и се клучната алка во пренесувањето на знаењето на учениците.

„Нашата држава е убава затоа што е полна со различности, коишто создаваат една целина. Верувам во еднаквоста и моја лична определба и заложба е секое девојче и момче без разлика каде живее, низ образовниот систем, да се изгради во личност која ги почитува и негува граѓанските права, толеранцијата и различностите. Секое дете, прво треба да се описмени, да добие основно знаење, понатаму во животот кога ќе порасне да се остручи за да може да одговори на пазарот на трудот, но најважно од се е да се образува и воспитува во духот на толеранцијата и  на мултикултурализмот. Затоа сте ни потребни вие наставниците кои умеете на своите ученици да им ги пренесете вистинските знаења и вредности“, рече Царовска.

ФАНИ КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија им го честита Меѓународниот ден на учителите на сите присутни и подвлече дека Фондацијата верува дека инвестирањето во квалитетно инклузивно образование е предуслов за градење отворено демократско општество и го гледа образованието како клучен промотор на социјалната кохезија. Училиштата се места каде што на сите ученици ќе им биде дадена можност да ги постигнат своите максимум потенцијали, а тоа не може да се постигне без добри и посветени наставници.

„Фондацијата досега инвестираше преку 33 милиони долари во програмите за поддршка на образованието, а голем дел од нив беа посветени токму на наставниците, како и на образованието на маргинализираните групи, особено на Ромите. Во моментов со финансиска поддршка на ЕУ спроведуваме голем тригодишен проект Редовно на часови: Акција за вклучување на Ромите во основното образование. Проектот обезбедува стипендии за вкупно 600 основци од најсиромашните ромски семејства а деновиве тече и заедничка кампања која ја правиме со Министерството за образование насловена „Буква по буква испиши ја својата иднина“ со цврсто верување дека нема да дозволиме ниту едно дете да остане надвор од образовниот систем.“ посочи Каранфилова-Пановска.

СУЗАНА КИРАНЏИСКА, извршната директорка на Фондацијата „Чекор по чекор“ посочи дека овогодинешната тема „Улогата на учителот во новата реалност“ не ја означува само новата реалност предизвикана од пандемијата поради која наставниците мораа да се снаоѓаат како што знаат и умеат без елементарни услови за спроведување на онлајн настава, туку и на постојаните промени кои што се случуваат во светот, кои стануваат се побрзи и побрзи.

“За да бидат во чекор со промените наставниците мораат да преземат иницијатива и одговорност за својот личен и професионален развој, да не чекаат некој друг да им каже што да научат, или што е уште пострашно, да не сакаат да учат и да се надградуваат, поради тоа што се незадоволни од својот статус во општеството.  Точно е дека државата треба да обезбеди услови за квалитетна настава, но доколку тоа не го направи, наставниците се должни да го бараат тоа од неа и да бидат лидери во промените кои ги носи новото време.“ истакна Киранџиска.

Настанот го организираа Фондацијата Отворено општество-Македонија и Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ како дел од проектот „Образование на помалубројните етнички заедници“ чијшто носител е Фондацијата Отворено општество – Македонија.

 

***

ЗА ПРОЕКТОТ

Фондацијата Отворено Општество – Македонија (ФООМ) го спроведува проектот „Образование на помалите етнички заедници“ во партнерство со  Фондацијата за образовни и културни иницијативи „Чекор по чекор“ и Управата за унапредување и развој на образованието на јазиците на припадниците на заедниците и Бирото за развој на образованието.

—————————————————

8 октомври 2020