Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

На 4 декември 2019 година, претставници на осум граѓански организации одржаа иницијативна средба за потребата, можностите и начинот на создавање на мрежа на граѓански организации за Отворено владино партнерство (ОВП). На средбата присуствуваа претставници од организации кои досега имале учество во процесите за подготовка и имплементација на националните акциски планови (НАП) за ОВП и се вклучени во работните групи за спроведување на НАП 2018-2020: ЗГ Љубезност, Асоцијација за истражување, комуникации и развој „Паблик“, Македонски центар за меѓународна соработка, Институт за демократија Societas Civilis – Скопје, Здружение за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА – Куманово, Фондација отворено општество – Македонија, како и организации кои беа активно вклучени во спроведувањето на НАП 2016-2018: Фондација за интернет и општество – Метаморфозис и Реактор – Истражување во акција.

Иницијативата ја поддржаа и организации кои не беа во можност да учествуваат на средбата, но изразија интерес да се приклучат на мрежата и активно да учествуваат во нејзината работа. На првиот дел од средбата, присуствуваше и Гордана Гапиќ Димитровска, национален координатор за ОВП во Министерството за информатичко општество и администрација, со цел да даде воведни информации за тековните и планираните процеси во иницијативата Отворено владино партнерство.

Овој процес е инициран во пресрет на подготовката на новиот национален акциски план, со цел за поорганизирано делување и влијание на граѓанските организации на неговото креирање, како и поттикнување и мониторинг на имплементацијата на постојниот и идните акциски планови.

На иницијативната средба се дискутираше за моделите на функционирање на ваквите мрежи во другите земји, како и за потребата од оваа мрежа, придобивките од неа, карактерот и улогата на мрежата, начинот на здружување и постапката за вклучување членки на мрежата.

По оваа средба, организациите ќе се изјаснат за вклучување во иницијативниот одбор за формирање на мрежата за ОВП, кој ќе го предводи процесот на нејзино воспоставување: дефинирање на основните постулати на мрежата, јавен повик до граѓанските организации за вклучување во мрежата, организирање средба за воспоставување на мрежата и утврдување на структура и координација во мрежата.

—————————————————

4 декември 2019