Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Четвртиот Македонски Енергетски Форум под наслов „Мапирање на енергетската иднина“ годинава се одржа на 13-14 септември 2021 во Скопје и беше организиран од ZIP Institute, Владата на Република Северна Македонија и Амбасадата на САД во Северна Македонија.

Македонскиот енергетски форум е настан кој цели да придонесе кон поразновидна, инклузивна и директна размена на експертиза, практики и планови за европскиот, западно-балканскиот и македонскиот енергетски сектор и нивниот напредок кон праведна енергетска транзиција и исполнување на Целта за одржлив развој 7 (ЦОР 7) при агендата на ОН за 2030 година.

Фондацијата Отворено општество – Македонија, препознавајќи ја важноста на мапирањето на енергетската иднина, даде поддршка за организирањето на четвртото издание на енергетскиот форум кој овозможи учество и соработка на различни експерти во хибриден модел. Форумот е особено значаен бидејќи обезбедува разновидна платформа на високо ниво каде чинители од различни сектори, региони и бекграунд во енергетската област ќе дискутираат за предизвиците на земјите од Западен Балкан во постигнувањето на праведна енергетска транзиција и обезбедување пристап до достапна, сигурна, одржлива и модерна енергија за сите. Темите на панелите беа разновидни: енергетската транзиција воопшто и предизвиците на регионот да го достигне овој европски тренд; потенцијалната општинска соработка во рамките на Пактот на градоначалници со соседните градови; патоказ на земјите од Западен Балкан кон праведна енергетска транзиција; проекти за отпорност на климатски промени; спроведувањето на Зелениот Договор на ЕУ и ЦОР 7.

Форумот воедно обезбеди и подобрена меѓусекторска и регионална соработка во енергетските политики, подобрен дијалог помеѓу владата и граѓанското општество но и сеопфатни препораки за политиките на македонската Влада засновани на дискусиите и наодите на форумот во областа на енергетските транзиции и отпорноста на климата

За повеќе информации околу Македонскиот енергетски форум посетете ја веб страницата на ZIP Institute.

—————————————————

28 септември 2021