Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Од 15-ти до 17-ти мај, се одржа обука на која присуствуваа повеќе од 50 претставници на  Подрачните одделенија на Министерството за правда (МП), Министерството за труд и социјална политика (МТСП), Центрите за социјална работа и Министерството за внатрешни работи (МВР). Обуката имаше цел зајакнување на пристапот до правда за сите и се фокусираше на две критични прашања: родово базирано и семејно насилство, како и правата на децата. Преку презентации, интерактивни активности и сесии за координација, претставниците од овие институции имаа цел да ги подобрат своите вештини и координација при помош и заштита на жртвите на родово базирано и домашно насилство.

Република Северна Македонија има поставено добра легислатива за заштита на жртвите, но проблемот се јавува при нејзина имплементација, односно при координација и комуникација помеѓу институциите. За да се надмине овој предизвик, потребна е интензивна и континуирана комуникација и соработка помеѓу сите чинители. Обуката обезбеди идеална платформа за МП, МТСП и МВР да ја продлабочат својата соработка  и да ја споделат својата експертиза.

Воедно обуката ја нагласи важноста на заштитата на правата на децата, кои најчесто се најранливи во случаите на семејно насилство. Учесниците работеа на студии на случаи од реални постапувања на институциите во Македонија, кои се решавани пред Европскиот суд за човекови права, кои им помогнаа за подобро разбирање на важноста за заштита на децата и нивните права како и водење грижа за најдобриот интерес на децата во постапка на развод на родителите и доверување на детето на еден родител.

Обуката претставува значаен чекор кон унапредување на состојбата и заштитата на жртвите на родово базирано и семејно насилство и децата.  Очекуваме соработката помеѓу присутните чинители значајно да придонесе кон креирање на побезбедно и поправедно општество за сите.

————————————

Обуката е организирана во рамки на проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“, кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност –Станица П.Е.Т. финансиран од Европската Унија и во соработка со Програмската канцеларија на Совет на Европа во Скопје во рамките на проектот „За консолидиран и поефикасен систем за бесплатна правна помош (БПП) во Северна Македонија“ дел од Европска Унија/Совет на Европа Програма Horizontal Facility III за Западен Балкан и Турција

—————————————————

23 мај 2023