Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Започна новиот проект „Редовно на часови: акција за вклучување на Ромите во основното образование“ имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија во партнерство со Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор и Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас, финансиран од Европската Унија.

Проектот кој ќе се имплементира до октомври 2022 има за цел да овозможи еднаков пристап до образование за децата Роми, но и ќе ги мотивира децата редовно да ја следат наставата и да се запишат во следните одделенија. Воедно проектот има за цел да обезбеди инклузивна средина за учење каде ќе се почитува различноста и каде сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и подеднакво стимулирани да успеат.

Преку проектот ќе се обезбедат стипендии за децата Роми запишани во прво одделение што ќе овозможи вклучување што поголем број деца Роми во основното образование, а воедно ќе се намали финансискиот трошок на ромските семејства поврзан со школувањето на нивните деца.

Паралелно со оваа активност, во рамки на проектот ќе се овозможи и поддршка на ромската заедница, преку обезбедување асистенти во општините со најбројна ромска заедница, кои ќе имаат блиска соработка со ромските семејства и училиштата. Тие ќе помогнат во процесот на идентификувањето на децата кои се надвор од образовниот систем, нивно запишување во училиштата, понатаму редовното следење на наставата како и успешен премин во следните одделенија.

Поддршката за училиштата како една од компонентите на проектот ќе обезбеди трансформација на училниците во една поинклузивна средина за учење каде ќе се почитуваат различностите и ќе се стимулира развојот на сите деца подеднакво. Планираните активности вклучуваат спроведување на мали проекти во идентификуваните училишта, кои преку игра и заедничко учество во училишни активности ќе поттикнат интеракција и размена на знаење помеѓу учениците, како и обуки за образование и социјална правда за наставниците.

Како дел од проектот се планирани и повеќе едукативни настани и дистрибуција на материјали како и едукативна медиумска кампања која ќе има за цел да ги информира и охрабри ромските семејства да ги запишуваат своите деца во училиште кое редовно ќе го посетуваат, но и да ги промовира генералните придобивки од образованието врз квалитетот на живеењето.

 

—————————————————

1 ноември 2019