Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Стратешко планирање и креирање на јавните политики

Квалитетот на политиките кои се креираат во едно општество зависи од степенот на неговата развиеност, односно од демократскиот амбиент во кој работат институциите, од вистинската посветеност на овие институции и од посветеноста на политичарите на креирањето долгорочни и одржливи политики, како и од партиципативноста на овој процес.

Од друга страна, развиеноста на демократијата во едно општество зависи и од долгорочното и одржливото креирање на јавните политики од страна на стабилни институции кои се тесно поврзани во круг во кој едниот зависи од другиот. Зајакнување на партнерството меѓу институциите и јавноста е важно за процесот, а отвореноста на институциите е важна како политички критериум во процесот на пристапување кон ЕУ. Ефикасниот и квалитетен систем за креирање на политиките е важен критериум што мора да се исполни со цел ефикасно да се применат политиките на ЕУ и другите барања што членството во ЕУ ќе ѝ ги наметне на јавната администрацијата.

Во последниот европски извештај за напредокот на Република Македонија за 2018 година, е констатирано дека: недостигаат минимум стандарди за секторско планирање од страна на министерствата; постои потреба за унапредување на централната координација при планирањето на политиките, меѓутоа недостигот од соодветна координација меѓу клучните институции е евидентен и во процесот на спроведување на истите. Конечно, целокупното секторско планирање неретко е придружено само со парцијално финансиско планирање.

Анализата „Стратешко планирање и креирање на јавните политики: Нерешена Рубикова коцка“  дава корисен придонес во унапредувањето на процесите на стратешко планирање и креирањето на политиките, а особено на процесот за проценка на влијанијата на регулативата. Основното истражувачко прашање во анализата е: Дали формално утврдените правила, со кои се уредени креирањето, координацијата и планирањето на политиките, се спроведуваат во практиката од страна на Владата и министерствата?.

Анализата се фокусира на состојбите во министерствата и во Генералниот секретаријат на Владата на Република Македонија во периодот опфатен со истражувањето, а ги опфаќа неопходните елементи за унапредување на процесите за стратешко планирање и процесот за проценка на влијанијата на регулативата.

Заклучоците и препораките се валидни и даваат добра основа за унапредување на натамошниот развој на процесот на креирање на политиките, вклучувајќи ги и планирањето и процената на влијанијата на регулативата, како основа за подготвување и утврдување на квалитетни политики и легислатива од страна на Владата на Република Македонија. Клучната порака е дека Владата треба да вложува во натамошниот развој на стручноста на човечките ресурси, на институционалните капацитети и интерни процедури, како и во контролата на квалитетот на стратешкото планирање и процесот на ПВР, со цел да се обезбеди доследно почитување на постоечките процедури и одржлив напредок во натамошниот развој на процесите што ќе обезбедат подготвување квалитетни политики. Ова е особено важно во контекст на приоритетот на Република Северна Македонија за членство во Европската Унија, бидејќи овие процеси обезбедуваат на структуриран начин да се утврдат краткорочните и долгорочните влијанија на правните акти на ЕУ врз националниот правен систем и, што е уште поважно, врз прифаќањето на обврските што произлегуваат од нив. На тој начин ќе можат да се градат националните позиции во процесот на преговорите, како и да се утврдат и да се намалат евентуалните негативни влијанија за Република Македонија. Препораките ќе овозможат решенија за надминување на предизвиците утврдени со оваа анализа, а ќе се однесуваат на предизвиците детектирани во одделенијата/секторите за стратешко планирање и на процесот Проценка на влијанието на регулативата.

Автори на документот за јавни политики се Диана Жупаноска и Горан Лазаров.

Анализата е достапна на следниот линк

—————————————————

12 јуни 2019