Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Штип арт активисти спроведоа уште една акција поврзана со неодговорното однесување на работодавачите, превозниците, работниците и институциите. Преку оваа акција тие ја потенцираат неодговорноста и непочитувањето на насоките и мерките за заштита дадени од Светската здравствена организација и Кризниот штаб, поради што Штип стана сведок на брзото ширење на заразата со КОВИД 19 и на неможноста да се заштитат граѓаните на општината и околината.

Пораката на оваа акција е јасна: неодговорното однесување има своја цена!

Оваа порака пластично е претставена најпрво преку банерот кој е поврзан со претходната акција. Претходно во автобусите се возеа суперхероите на Штип, но денеска тие се полупразни бидејќи во нив се ширеше заразата со корона вирусот. Автобусите сега, наместо супер херои, превезуваат вируси на КОВИД 19.

Воедно, пред текстилните фабрики, Општина Штип, плоштад “Слобода” и градскиот пазар се поставени инсталации со фискални сметки, фактури и парагон блок на кои ги има податоците со бројот на заразени и мерките кои беа прекршувани како показател дека неодговорното однесување и непочитувањето на мерките резултира во зголемениот број на заразени, дијагностицирани, хоспитализирани и починати.

Акцијата апелира до сите граѓани, работодавачи, превозници и институции, да ги почитуваат мерките, да бидат сите одговорни, солидарни, на висина на задачата и да го заштитат колективното здравје во Штип.

—————————————————

13 јуни 2020