Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Независниот академски синдикат (НАкС) на 18.11.2021 год. (четврток) во Хотел „Карпош“, организираше јавната презентација на документот за јавни политики насловен „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“. Документот за јавни политики насловен „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“ е изработен во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ од експертскиот тим на Независниот академски синдикат (НАкС). Автори на документот се проф. д-р Зоран Велковски, проф. д-р Неда Здравева, проф. д-р Мира Беќар и Борјан Ефтимов.

Во рамките на јавната презентација поздравна реч имаше проф. д-р Елена Џукеска, претседателка на Независниот академски синдикат (НАкС) која го истакна значењето на оваа публикација и укажа на заложбите на НАкС за континуирано унапредување на квалитетот на високото образование. Воведен збор одржа проф. д-р Неда Здравева. Документот го презентираа проф. д-р Неда Здравева, проф. д-р Мира Беќар и Борјан Ефтимов при што беше истакнато дека согледувањата за тоа што е квалитетно образование се различни во зависност од очекувањата. Поточно, во рамките на академската заедница тие се различни кај наставниците и кај студентите, во пошироката општествена заедница тие се различни за деловната заедница, за владиниот сектор, за граѓаните. Но, она што е заедничко и за што несомнено сите се согласуваат е дека квалитетот на високото образование ги диктира текот и развојот на општеството и на државата.

Спроведеното истражување во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од Независниот академски синдикат (НАкС) раководен од Независниот академски синдикат (НАкС) покажа дека студентите се задоволни од квалитетот на високото образование, но единствено во делот што се однесува на теоретската настава. Ова значи дека за да се смета севкупното образование за квалитетно, треба значително да се унапредат застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и на наставните програми и инфраструктурните услови за спроведување на практичната настава. Предлозите за решенија, со кои се очекува да овозможат унапредување на квалитетот на високото образование, се разгледуваат во три области: 1. Квалитет на студиите и на образовниот процес во целост, 2. Учество на студентите во процесот на донесување одлуки каде се разгледуваат прашањата за учеството во органите на управување и системот на финансирање на студентските активности и 3. Евалуацијата како систем за обезбедување квалитет на национално ниво и на ниво на високообразовни установи.

Студентите сметаат дека за да се смета севкупното образование за квалитетно, треба значително да се унапредат застапеноста на практичната настава во содржините на студиските и на наставните програми и инфраструктурните услови за спроведување на практичната настава. Дополнително, студентите сметаат дека нивното влијание за подобрувањето на содржините на студиските и на предметните програми, начинот на изведувањето на наставата и севкупното функционирање на високообразованите установи е крајно ограничено. Ова особено се однесува на третманот на резултатите од самоевалуациите – анкетите, кои се задолжителна обврска за студентите, но имаат различен третман од страна на установите. Достапноста на наставниците и соработниците за комуникација и консултации со студентите не е секогаш соодветна на потребите. Се случува, според изјавите на студентите, наставници и соработници да не овозможуваат консултации надвор од часовите за настава. Исто така, треба да се унапреди пристапот до современа литература во сите области, при што студентите проблемот го лоцираат во немање доволно домашна стручна литература (постари учебници или учебници кои површно ги обработуваат прашањата) како и во немање пристап до современа странска литература, односно бази со книги, научни списанија и истражувања.

Во документот се нудат предлози што би требало да ги подобрат состојбите, онака како што тие се согледани од страна на студентите во македонскиот високообразовен простор. Притоа се забележува дека дел од состојбите се резултат на незаокружената правна рамка на високото образование. Имено, иако Законот за високото образование е стапен во сила пред повеќе од три години, а роковите за основање на државните органи и тела истекоа пред повеќе од две, како и нивните шестмесечни периоди за креирање на правната рамка, се констатира дека во уредувањето на одредени клучни прашања за обезбедување на квалитетот недостасуваат подзаконски акти. Притоа се предлага тие, поради нивното значење, да бидат донесени со учество на пошироката стручна јавност. Следно важно, а нерешено прашање, е и системот на финансирање на високото образование. Според студентите на државните универзитети, државата треба да ја преземе и доследно да ја реализира обврската за унапредување на инфраструктурата и создавање просторни можности и ресурси за непречено одвивање на високообразовниот процес. Во поглед на универзитетите/факултетите се потенцира важноста на создавање студиски и предметни програми што ќе овозможат соодветен развој на вештини, преку практична настава и работа, а со цел да се унапредат компетентноста и компетитивноста на студентите на пазарот на трудот.

Исто така, студентите укажуваат на неопходноста на донесување законска рамка што ќе овозможи зајакната положба на студентите во процесите на донесување одлуки. Се даваат и предлози за унапредување на системот на работа на административно-стручните служби и особено за дигитализација на административното работење. Се предлага и значително унапредување на системот за (само)евалуација и вреднувањето на значењето на студентските анкети и искористување на резултатите како основа за подобрување на работата на високообразовните установи и зголемување на квалитетот на високото образование. НАкС верува дека релевантите институции и поединци ќе ги земат предвид наоите од ова истражување при градењето на идните јавни политики во образованието.

Во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од НАкС изработени се три документа за јавни политики и тоа: документот за јавни политики насловен „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“ јавно е претставен на промоцијата се одржа во Хотел „Карпош“ во недела 18.11.2021 год. со почеток во 11.00 часот, документот за јавни политики „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“ што ќе биде јавно претставен на промоцијата што ќе се одржи во Хотел „Карпош“ во недела 21.11.2021 год. со почеток во 11.00 часот и документот за јавни политики „Присуството во јавноста на академскиот кадар и високообразовните установи и нивното влијание во заедницата“ што ќе биде јавно претставен на промоцијата што ќе се одржи во Хотел „Карпош“ во сабота, 27.11.2021 год со почеток во 11.00 часот. Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија, а спроведен од страна на експертскиот тим на НАкС.

—————————————————

18 ноември 2021