Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Независниот академски синдикат (НАкС) на 21.11.2021 год. (недела) во Хотел „Карпош“, организираше јавната презентација на документот за јавни политики насловен „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“. Документот за јавни политики насловен „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“ е изработен во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ од експертскиот тим на Независниот академски синдикат (НАкС). Автори на документот се проф. д-р Петар Атанасов, проф. д-р Бојана Наумовска и доц. д-р Јован Близнаковски.

Во рамките на промоцијата воведниот збор го одржа проф. д-р Петар Атанасов кој ја истакна есенцијалната улога на академската сфера за стабилноста на државата и за општествениот развиток. Документот го презентираа проф. д-р Бојана Наумовска и доц. д-р Јован Близнаковски при што беше истакнато дека во рамките на истражувачкиот проект „Квалитетот на наставата во високото образование“, беа спроведени повеќе аналитички и истражувачки активности како: анкети, фокус групи и компаративно истражување. Темите што беа истражувани ги опфаќаат поважните аспекти на високото образование и научната дејност. Од академскиот кадар беа анкетирани 400 професори и асистенти од факултетите и 51 професор од научните институти и јавните научни установи од четири државни и еден приватен универзитет.

Согласно резултатите на истражувањето нашиот академскиот кадар доста време посветува на научноистражувачката работа и настава (предавања, вежби и консултации), а помалку на административна работа. Мнозинство од професорите и асистентите кои предаваат на студии од прв циклус работат со групи до 30 студенти по еден предмет, а една третина од нив најчесто работи и со поголеми групи составени од 31 до 100 студенти.

Во однос на достапноста до стручната литература најмалку издвојувања се бележат кај државата, потоа од страна на универзитетот и единицата, од што произлегува дека најголем дел од потребната литература целосно си обезбедуваат самите професори (69,2 %).

Како што се покажа од истражувањето, состојбата со финансирањето на научните, апликативени и уметнички проекти од страна на државата и приватниот сектор и понатаму останува лоша. Поразителен е податокот дека 77,9 % од академскиот кадар од уметничките дејности во последните 5 години не реализирале уметнички проект. Во контекст на тоа што се бара како постигнувања и тоа што се нуди како можности и услови, генералниот став е дека се обезбедува само просечност, а за поголеми успеси и постигнувања, како и за поголема мотивираност потребни се многу поголеми вложувања и соодветна посветеност од страна на државата.

Според истражувањето, едно од најважните прашања на кое треба континуирано да му се посветува најголемо внимание е грижата за изградбата на младиот наставен и научен кадар: нивното вработување, усовршување, напредување, финансирање на нивните истражувања, поддршка за публикување на нивните трудови, како и нивна промоција во значаен и вреден дел од нашата академска и општествена стварност.

Гледано од аспект на подобрување на квалитетот на наставата, согласно добиените резултати од сите истражувачки активности, издвоени беа неколку заклучоци и конкретни предлози:

  1. Заклучок: Непостоењето на континуирано финансирање на нови работни места и згаснувањето на работно место со заминување на професор во пензија резултира со преоптовареност на постојниот кадар и намалување на квалитетот на наставата во високото образование.

             Предлог: Со заминувањето во пензија на припадници на наставно-научниот кадар не треба да се згаснуваат нивните работни места, и МОН треба да продолжи да финансира определено работно место веднаш по стапување на должност на новиот наставник кој ќе го наследи колегата што има отидено во пензија.

 

  1. Заклучок: Во МОН подолг временски период се издвојуваат големи буџети за стипендирање во странство на сите три циклуси на студии, а притоа воопшто не се стипендира домашното образование. Како резултат на оваа политика, од државата си заминуваат голем број млади луѓе.

             Предлог 1: Воведување на стипендии за втор и трет циклус на студии за талентираните студенти во сите области.

             Предлог 2: Обезбедување целосни стипендии за младиот научноистражувачки кадар вработен на универзитетите.

 

  1. Заклучок: Условите за работа, според податоците од анкетниот прашалник како и реализираните фокус групи, се означени како несоодветни/недоволни. Покрај основните услови за работа, во голем дел недостасува и специфичната опрема за наставата.

             Предлог: Обезбедување на основните услови и специфичната опрема за наставата.

 

  1. Заклучок: Податоците од споредбата на различните сегменти од образовниот процес, пред и во услови на пандемија, покажуваат значителен пад на квалитетот на наставата во речиси сите аспекти во услови на пандемија.

             Препорака 1: Преземање на сите расположливи мерки за враќање на состојбите кои значат реализирање на настава со физичко присуство.

             Препорака 2: Доколку одредени факултети би барале да продолжат да работат онлајн од практични причини, да се одреди минимум настава со физичко присуство (50-60 %).

 

  1. Заклучок: Издвојувањата за наука од страна на државата се несоодветни. Пристапот до соодветна стручна литература и учеството на конференциите во најголем дел се на товар на академскиот кадар.

             Препорака 1: Задолжително финансирање на научноистражувачката работа од страна на МОН и Владата.

             Препорака 2: Основање фонд за финансирање на научноистражувачката работа од страна на стопанството.

 

  1. Заклучок: Кадарот во високото образование воопшто не е задоволен од издвојувањата за нивните плати од страна на државата. Соодветното вреднување на наставно-научниот и соработнички кадар претставува предуслов за квалитетна настава и наука.

             Препорака: Зголемување на платите за вработените во високото образование (и воедначување на платите на македонскиот академски кадар со платите на академскиот кадар во државите од регионот).

 

Во рамките на проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ раководен од НАкС изработени се три документа за јавни политики и тоа: (1) документ за јавни политики насловен „Унапредување на квалитетот на високото образование – студентски перспективи“ што беше јавно претставен на промоцијата одржана во Хотел „Карпош“ во четврток, 18.11.2021 год. со почеток во 11.00 часот, (2) документ за јавни политики „Квалитетот на наставата во високото образование и науката и услови за повисоки стандарди“ што беше јавно претставен на промоцијата одржана во Хотел „Карпош“ во недела, 21.11.2021 год. со почеток во 11.00 часот и (3) документ за јавни политики „Присуството во јавноста на академскиот кадар и високообразовните установи и нивното влијание во заедницата“ што ќе биде јавно претставен на промоцијата што ќе се одржи во Хотел „Карпош“ во сабота, 27.11.2021 год со почеток во 11.00 часот. Проектот „Квалитетот на наставата во високото образование“ е финансиран од Фондацијата Отворено општество Македонија, а спроведен од страна на експертскиот тим на НАкС.

—————————————————

23 ноември 2021