Во ОУ „Петар Мусев“ во Богданци учат вкупно 445 ученици од прво до деветто одделение. Како и сите ученици, и тие во училиштето учат, се дружат, истражуваат, сонуваат да станат астронаути, доктори, адвокати, програмери… Но, сите тие идни успешни луѓе, поголемиот дел од својот ден го поминуваат во несоодветни услови. Училишната зграда не е реновирана, училиштето е генерално во критична состојба, а тоа пред се’ се должи на фактот што кровот протекува. Кровот протекува, влагата навлегува во подовите кои сега веќе се распаднати и нефункционални, поради што е тешко да се одржува хигиената на највисоко ниво, а постои можност и од повреди.
„Кога е врнежливо мора да се направи преадаптација на просториите со распоред на клупи како и поставување на садови за собирање на водата што прокиснува од плафонот„ вели директорот на училиштето Атанас Нанчев. Наместо наставниците да се занимаваат со образованието и развојот на учениците, како и со својот професионален развој, тие многу често своето време го трошат во решавање на инфраструктурни проблеми.
Влагата која е присутна поради прокиснувањето на кровот е највидлива во библиотеката во ОУ „Петар Мусев“. Книгите, но и целиот инвентар кој е сместен таму собира влага, па затоа, на библиотекарките во зимскот период работниот ден им почнува со вклучување на греалката која пуштена на највисоката температура, помага да се исуши воздухот, а со тоа и да се намали влагата во просторијата.
„Фондот на книги за библиотеката се дополнува секоја година, на саемите за книги, секогаш се купуваат 100-150 нови книги и наслови, но влагата не дозволува книгите да бидат соодветно чувани и да служат за многу идни генерации, што е навистина штета бидејќи децата имаат огромен интерес за читање“ вели Милица Вангелова која работи во библиотеката во училиштето.
445-те ученици во ОУ „Петар Мусев“ воедно немаат и спортска сала. Кога е сончево, учениците се надвор на тревната површина или пак на отворените игралишта, а зимно време часовите по физичко се одржуваат во импровизираната училница во подрумскиот простор на училиштето. Децата секако долго време поминуваат на компјутер, таблет или мобилен, особено е важно тие да се физички активни генерално, но и додека се на училиште. Немањето соодветни услови за да се одржи часот по физичко се манифестира со бројни физички аномалии кај децата кои се забележани при нивните систематски прегледи, што треба да е сериозен аларм за надлежните институции што поскоро да преземат мерки за подобрување на условите во училиштето.
Во училиштето нема организирана и планирана исхрана за учениците додека се тие на училиште. Старата кујна во училиштето веќе долги години е комплетно руинирана и нефункционала. До пред неколку месеци една од просториите во училиштето била имровизирана кујна, која ни од далеку не ги задоволува потребите на учениците ниту придонесува за правилен развој на децата. И родителите, но и стручните медицински лица алармираат дека проблемот со исхраната во училиштето треба да се реши во најбрз рок.
Проблемите со кои се среќаваат во ОУ „Петар Мусев“, а и останатите училишта во општина Богданци, во изминатиот период ги анализираа Здружението на млади аналитичари и истражувачи, ЗМАИ – Скопје со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Нивните наоди и препораки за решавање на најгорливите проблеми на училиштата во општина Богданци можете да ги прочитате во нивната публикација https://goo.gl/CvhNoY
—————————————————
17 април 2019