На 26 јуни 2018, Советот на Европската унија утврди заклучок со кој го прифати Извештајот за Македонија на Европската комисија и препораката за отворање на преговорите за пристапување во членство во Унијата. Заклучокот на Советот на Европската Унија вели „…Советот одлучи позитивно да одговори на опишаниот напредок остварен од Македонија и го утврди патот за отворање на пристапните преговори во Јуни 2019…“ продолжувајќи натаму со очекувањето дека доколку ваквата одлука биде потврдена од Европскиот совет, првата меѓувладина конференција ќе се одржи најдоцна до крајот на 2019 година.
Од друга страна, два дена подоцна, европските лидери под претседателство на Доналд Туск со формулацијата: „Европскиот Совет ги поддржува заклучоците за проширување и процесот на стабилизација и асоцијација усвоени од Советот на 26 јуни 2018.“ дополнително го отворија процесот и ги утврдија следните чекори.
Ваквата фактичка состојба и утврдените заклучоци реално ја ставаат Македонија во поинаква фаза на пристапување во Европската унија. Република Македонија повеќе не е држава кандидат (Candidate Country), туку држава во процес на пристапување (Accession Country) и се наоѓа во фаза и момент во кој не била никој пат до сега. Ваквиот статус го потврди и австриската амбасадорка во Република Македонија, Н.Е. Ренате Коблер, кога при претставувањето на приоритетите на австриското претседателство кажа дека: „…Македонија никогаш не била поблиску до Унијата отколку сега…“ притоа потврдувајќи дека државите од Западниот Балкан и нивната европска перспектива остануваат врвен приоритет на новото претседателство.
Дополнително, по усвојувањето на заклучоците на Советот за општи прашања (GAC), комесарот за соседска политика и проширување, Јоханес Хан изјави дека подготовките за преговори од страна на Европската комисија ќе започнат веднаш, а со цел да се изврши скриниг процесот, да се изработи преговарачката рамка, како и да се утврдат реперите за отворање на преговорите во клучните поглавја. Посетата на комесарот Хан и практичното отворање на скринингот ќе се случи на 20 дена по заклучокот на Советот и 5 дена по затворањето на Самитот на НАТО во Брисел, на 17 јули 2018 година. До тогаш, државата мора да биде подготвена за новата фаза во која влегуваме, колку од страна на власта и институциите, толку и од страна на општеството.
Повеќе за клучните случувања, информации од состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет како и информации поврзани со политиката на проширување можете да најдете во четвртиот по ред „Дневник на пристапувањето“ на следниот линк.
***
„Дневник на пристапувањето“ е алатка преку која се следи работата на Владата на Република Македонија, развојот на европските политики, имплементирањето на итните реформски приоритети и редовниот политички дијалог меѓу Македонија и Европската Унија или, со други зборови, процесот на пристапување на Македонија во Европската Унија. Дневникот ќе се обиде да ги анализира клучните случувања, како што се: состаноците на Советот на ЕУ, Европскиот совет или друг тип состаноци на високо ниво; различните документи што ги објавува Европската Унија, а се поврзани со политиката на проширување, како и другите глобални случувања што влијаат врз политиките на Европската Унија, а со тоа и врз политиките на Република Македонија. Конечно, преку Дневникот ќе се следат и другите процеси, политики, документи и случувања кои се поврзани со стратегискиот приоритет на Македонија – да стане дел од ЕУ и од НАТО. Во своите поединечни записи, Дневникот ќе анализира, ќе утврдува репери, ќе предлага алтернативи на политиките и ќе застапува одредени решенија.
—————————————————
17 април 2019