Основната мисија на Коалицијата „Сите за правично судење“ се однесува на почитувањето на човековите права и слободи, особено на меѓународните стандарди за правично судење преку разни форми на делување во настојувањето да се зголеми нивото на нивното имплементирање, да се иницираат институционални и правни реформи како и да се врати довербата на граѓаните во судството и другите институции на системот.
Проектот „Мерката притвор помеѓу домашната и европската пракса“ има за цел да влијае на реформските процеси во судството од аспект на употребата на мерката притвор и останатите мерки за обезбедување присуство, а во корелација со препораките на ЕУ и Поглавјето 23.
Европскиот концепт на мерката притвор подразбира дека истата мора да се користи само како последно средство и треба да се изрекува само кога останатите мерки не би биле доволни за да се обезбеди непречениот тек на кривичната постапка. Од друга страна пак, праксата во Р.С. Македонија покажува често посегнување кон притворот за разлика од останатите мерки за обезбедување, за што домашната стручна јавност но и Европската Унија изразуваат загриженост. Судската пракса на Европскиот суд за човекови права, често констатира прекршување на човековите права поради недоволните образложенија за основаноста на мерката притвор или пак предолгото траење на притворот изречен од страна на домашните судови, што од друга страна покренува прашања и сомнежи за употребата на притворот како маскирана форма на казна уште пред лицето да биде осудено.
Непропорционалното користење на притворот, со себе повлекува и други кршења на човековите права, како што се нехуманите или деградирачки затворски услови предизвикани од пренатрупаност на установите, кршење на принципот на пресумпцијата на невиност, па дури и нарушувања на начелата и стандардите на фер и правично судење. Воедно, преголемата и честа употреба на притворот, може да биде контра продуктивна, па така наместо да го намали криминалот, всушност може да ја зголеми неговата стапка преку зголемување на рецидивизмот.
Во суштина постојат повеќе причини кои можат да влијаат на прекумерната употреба на притвор, но за жал во Северна Македонија надлежните органи немаат спроведено темелни истражувања за употребата на оваа мерка и влијанието кое таа го има. Со планираните активности во рамки на проектот „Мерката притвор помеѓу домашната и европската пракса“ ќе се истражи примената на мерката притвор во земјата, како од аспект на нејзината неопходност и компатибилност со домашното право, примената на алтернативни мерки на притворот, така и од аспект на компаративен преглед со праксата на судските системи во Европа и насоките и препораките од Европската Унија, Советот на Европа и Обединетите Нации. Анализата на податоците ќе овозможи да се дијагностицираат причините и проблемите врзани со примената на мерката притвор како најстрога мерка за обезбедување, ќе овозможи јавна дебата, и ќе придонесе кон соодветна имплементација на препораките од ЕУ и Советот на Европа во поглед на владеењето на правото.
„Мерката притвор помеѓу домашната и европската пракса” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.
За повеќе информации за работа на Коалицијата „Сите за правично судење“ како и за активностите од проектот, следете ги на нивниот веб сајт и нивната фејсбук страница.
—————————————————
17 јуни 2020