Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со партнерската организација ФОКИМ „Чекор по чекор“, и во време на пандемија и вонредна состојба во државата, продолжи со поддршката на заедниците за учење кои се формираа во текот на 2019 година во десет проектни училишта.

Заедниците за учење се иновативна форма на контекстуализиран професионален развој и им овозможуваат на наставниците преку самостојна работа и истражување, но и преку дискусии и размена со колегите, да работат на подобрување на својата секојдневна педагошка пракса. Во тој процес на учење, наставниците разменуваат информации од различен вид, овозможувајќи пред сѐ подобар тек на информации во самото училиште, но и поединечно меѓу наставниците. На овој начин сe отвора можност побрзо да се согледаат и полесно да се решат многу прашања врзани и со секојдневната работа, но и со училиштето генерално.

Како што налагаа условите, традиционалните менторски средби со наставниот кадар, фасилитирани од искусните обучувачи, ги заменивме со онлајн менторски средби кои ги реализиравме во текот на месец мај. Целта на овие средби беше да се разгледа реализирањето на развојните активности и развојните портфолија, активност која ја започнавме минатата година, но уште повеќе да поразговараме за начинот на спроведување на онлајн наставата, предизвиците со кои се соочуваат наставниците и наставниот кадар и потребите кои ги имаат за полесно реализирање на ваков тип на настава.

Онлајн средбите ги искористивме за дискусија врзана со улогата на заедниците за учење во овој период и колку стекнатите вештини за соработка и колегијално учење им биле од помош во изминатиот специфичен период. Воедно ги искористивме и за отворен и искрен разговор со наставниците, при што заклучивме дека иако ненајавено и без претходна подготовка од технички, но и од педагошки аспект за овој начин на реализација на образованиот процес, наставниците кои работат во руралните средини имаат добар пристап со учениците. Тие се трудат да ги охрабрат да ги збогатуваат своите знаења, но и да им понудат поддршка во секојдневните животни  предизвици.

Огромно задоволство ни претставува фактот што околу 80 членови на заедниците за учење, по воспоставувањето, продолжија да работат преку оваа форма на колегијално учење и професионален развој. Заедниците за учење нудат можност за самостојна работа и истражување, дискусии со колегите, и подобрување на секојдневна педагошка пракса за секој наставник-член на заедницата.

Заедниците за учење се организирани во рамки на концептот „Образование на помалите етнички заедници” на Фондацијата Отворено општество- Македонија.

—————————————————

8 јуни 2020