Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

„Мајка Земја“, новата скулптура на уметникот Андреј Митевски е бунт против ѓубрето во кое се дави Македонија и фактот што никој сериозно не се занимава со ова прашање. Додека во светот отпадот и градежниот шут се рециклираат и користат како суровини, кај нас шутот и отпадот ја прекриваат секоја педа во природата како и секој чекор во урбаниот и јавниот простор.

Скулптурата е создадена од стари оџаци, визуелизирајќи го сé она што се пали, а со тоа и го загадува Скопје, но и Македонија. Она што е јасно е дека таа испраќа порака за спас на Скопје како еден од најзагадените градови на светот, но е и симболичен крик против уништувањето на планетата земја.

Оваа скулптура е дел од серијата активности со еколошка тематика, на кои ќе работи Андреј со поддршка од Фондацијата Отворено општество – Македонија. Тој оваа година слави 20 години самостојно творештво како скулптор, односно како еден од ретките кој работи скулптури од различни материјали, а најчесто од мермер во голем формат.

Креативниот активизам, како што е скулптурата „Мајка Земја“, како форма на граѓански активизам, јасно ги визуелизира проблемите, а понекогаш успева и да придонесе во нивното решавање. Уметноста кога е ставена во функција може да направи вистински промени.

—————————————————

17 април 2019