На 02.02.2023 година, со почеток од 12:30 часот пред просториите на Дневниот центар за деца на улица ,,Патека на надежта” се одржа креативната акција „И јас сум дете, не оставај ме без образование“ . Целта на акцијата е да се нагласи потребата за континуирано образование на децата за да им се обезбеди подобра иднина.
Населението на Шуто Оризари подолго време е на маргините на општеството, живеејќи во супстандардни услови. Една од главните причини која придонесува кон тоа е немањето соодветно образование, и покрај тоа што во општината Шуто Оризари постојат две основни и едно средно училиште.
Бројот на деца кои го напуштаат образованието е висок, а причините за тоа се бројни. Од година во година бројот на запишани деца во прво одделение се намалува, а расте бројот на деца на улица. Оваа појава директно влијае на развојот на заедницата.
Во рамки на креативната акција беше промовиран мурал со порака за континуирано образование на децата. Муралот е поставен пред детската градинка на прометно место каде поминуваат многу од жителите на Шуто Оризари. На овој начин на родителите ќе им биде пренесена пораката за важноста на образованието за да обезбедат квалитетен живот за нивните деца.
Креативната акција се одржа во рамки на проектот „Пристап до правда за најмаргинализираните“, кој го спроведуваат Фондација Отворено општество – Македонија, ХОПС-Опции за здрав живот Скопје и Здружение за правна едукација и транспарентност –Станица П.Е.Т., финансиран од Европската Унија.
—————————————————
10 февруари 2023