Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Центарот за современи уметности – Скопје и Фондација Отворено општество – Македонија на 30-ти септември и 1 октомври 2022 година во Јавна соба, Скопје ја организираа конференцијата „Време за ресетирање: Предефинирање на моќта на заедниците преку креативен активизам и ангажирана уметност“. На конференцијата учествуваат познати теоретичари, ангажирани уметници, активисти и претставници на организации од Африка, Албанија, Босна и Херцеговина, Германија, САД, Северна Македонија, Србија и Холандија.

Конференцијата беше посветена на размена на искуства во функција на осмислување нови приоди за оние кои застапуваат општествени промени и ги пренесуваат на следно ниво. Настанот имаше за цел да ги капитализира искуствата и научените лекции на врвни теоретичари, ангажирани уметници, активисти и организации што промовираат слични или комплементарни иницијативи. Учесниците ги анализираа научените лекции и дискутираа за претстојните предизвици и можности, особено фокусирани на потенцијалот за мултиплицирање на ефектите од овој тип ангажман и зголемување на влијанието во заедниците.

Конференцијата ја отвори Адријана Лавчиска, нагласувајќи дека креативниот активизам и ангажираната уметност во изминативе години имаа за цел да ги мобилизираат граѓаните да се застапуваат за прашањата што ги мачат и во тоа бележеа бројни успеси. Покрај претставувањето на стратегијата и ангажманот на ФООМ и партнерските организации на овој план, таа ги претстави и придобивките и резултатите од тригодишниот проект „Регионални креативни јадра: искористување на моќта на уметноста и културата за охрабрување граѓанска акција против корупција“.

На отворањето на конференцијата на 30 септември се одржа промоција на книгите „СОЗДАВАЊЕ ПРОМЕНА: Разгледување креативни приоди за акција против корупција во Западна Африка и на Западен Балкан” и „Уметнички/ креативен активизам во Македонија: Враќање на јавниот простор преку граѓански ангажман 2006 – 2020“. Александра Бубевска, новинарка и една од авторките на изданието кое го мапира македонското искуство со уметнички и креативен активизам ја претстави содржината на изданијата и се осврна на значењето на овој тип изданија и проекти. Ана Аќимов, новинарка и активистка од Србија  и Никола Писарев, активист од Македонија ги споделија сопствените искуства и предизвици со методологиите и алатките за креативен активизам. Документарниот филм „КреаАКТ: Креативни приоди во борбата против корупција на Западен Балкан и во Западна Африка“, подготвен во рамки на иницијативата на ФОО „Регионални креативни јадра„ го промовираше Славица Инџевска која ја истакна важноста од документирање на овие и слични искуства и ја потенцирање важноста од изнаоѓање иновативни и креативни пристапи за ангажирање на заедниците и неопходноста од поддршка на тие напори. Погледнете ја кратката верзија или целиот документарен филм.

На 1 октомври 2022 година се одржаа три панел дискусии. Првата панел дискусија „Квака 22“ со поглед кон иднината (дел I)“, ја модерираше Артан Садику, филозоф и активист од Северна Македонија, а свои теориски ставови, дилеми и отворени прашања  споделија Искра Гешоска од Северна Македонија, Андреа Линенкол од Германија, Стефан Данком од САД, Карен ван ден Берг од  Германија и Владимир Јанчевски од Северна Македонија. Во продолжение, втората панел дискусија беше посветена на практичните искуства од користењето на креативниот активизам за застапување за решавање на проблеми на заедниците. Говорниците  Едиса Демиќ од Босна и Херцеговина, Саша Стоиљковиќ, од Србија, Денис Ампев од Северна Македонија, Самбоу Оуми Регина од Сенегал, Принц Ендру Ардафио од Гана и Чеик Сене од  Сенегал зборуваа за тоа што ги поттикнало да користат креативен активизам, што за нив значи тоа и кои се предизвиците со кои се соочуваат во својата борба за демократизација на општествата во заедниците каде делуваат. Дискусијата беше модерирана од Бет Дунлап од САД. Последната панел дискусија, модерирана од  Лаурен Агоста од САД, со наслов „Имаме шанса! Од подигнување свест до општествена мобилизација низ призмата на донаторите“ имаше за цел да ја нагласи потребата и да ги разгледа можностите за влијание кај донаторската заедница за континуирана и соодветна поддршка на нови иновативни и креативни  стратегии уметнички и активистички ангажман. За интересната и плодна дискусија придонесоа: Хава Ба од Сенегал, Бертан Селим од Холандија и Алберт Хани од Албанија. Особен фокус во дискусијата беа  донаторските модели кои водат кон одржливост на креативниот активизам и социјално ангажираната уметност, разликите во донаторските пристапи, како и ефективноста на овие алатки за застапувањето за промени и мобилизирање на граѓаните.

—————————————————

11 октомври 2022