Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Климатските промени секојдневно стануваат сè поголема закана – како за начинот на кој живееме денес, така и за белегот што го оставаме за иднината, во нашата држава, но и глобално, на планетата.

Обединетите нации потенцираат дека климатските промени се дефинирачкото прашање за нашето време. Од временските промени кои го загрозуваат производството на храна, ги зголемуваат неизвесноста и стравот од ефектите на растечкиот број поплави и земјотреси, преку киселите дождови, екстремното загадување на воздухот, водите и почвата – влијанијата на климатските промени се глобални и можат да бидат катастрофални. Доколку не се преземат драстични активности, и тоа што поскоро, ОН сметаат дека приспособувањето кон овие влијанија во иднина ќе биде сè потешко и ќе чини сè повеќе.

Примената на добро осмислени, релевантни, ефективни и ефикасни климатски акции не може повеќе да се одложува. Како никогаш порано, сега е особено важно да застанеме рамо до рамо едни со други и, земајќи ја меѓузависноста како предност,  несебично да се вложиме себеси за да бидеме сигурни дека ќе ги реализираме поставените цели и ќе одговориме на растечката несигурност околу драстичното намалување на квалитетот на животот на луѓето – како во развиените, така и во неразвиените држави. Покрај постоечките, потребни се и дополнителни ресурси, но се чини подеднакво важно дека е потребна јасно дефинирана и изразена политичка волја и големо разбирање за економските, техничките и социо-културните аспекти на предизвиците со кои се соочуваме. Зелената агенда за Западен Балкан, која е усогласена и ги вклучува главните референци од  Европскиот зелен договор, претставува нова и провокативна сеопфатна рамка за размислување и дејствување – не само за владите, туку и за бизнис-заедницата и граѓанското општество од Западен Балкан.

Покрај посочувањето дека треба да се преземе акција, и тоа веднаш, документот нè потсетува на неопходноста од донесување одржливи одлуки, кои во својата суштина се базираат на интер-секторскиот интегриран пристап,  кој на крајот треба да го гарантира економскиот раст, подобрувањето на животот на граѓаните од регионот, но  и интегрирањето на регионот во ЕУ.  Препораките за зголемување на информираноста и на учеството на заинтересираните страни во креирањето мерки и политики, отвора неброени можности за редефинирање на јавната свест и донесување одржливи одлуки, на централно и на локално ниво, чиишто решенија одговараат на потребите на засегнатите. Покрај учеството на граѓаните, за нас е од клучна важност и застапувањето за правична транзиција, која ќе осигура дека и најмаргинализираните и социјално осетливи групи граѓани ќе ги имаат неопходната поддршка и разбирање,  за да се обезбеди дека никој нема да заостанува зад доминантните развојни текови или да биде исклучен од нив.

Климатските акции се еден од трите приоритети на Фондациите Отворено општество (односно, таканаречените 3-К приоритети – Климатски акции, Ковид 19, Корупција) за следниот период.

Во периодот што следува, работата на Фондациите Отворено општество ќе се фокусира на ублажувањето на последиците од климатските промени и приспособувањето на климатските акции, со посебен фокус на граѓанското учество во дефинирањето и имплементацијата на релевантните  политики, но и на обезбедувањето заштита на правата и интересите на најсиромашните и маргинализираните популации. Ублажувањето на последиците, како и адаптацијата на климатските акции, бараат системска и структурна трансформација, која ги отфрла претходните модели, од кои придобивки имаа само мал број поединци, корпорации и земји. Таа трансформација треба да создаде нови економски можности, кои ќе бидат дистрибуирани на поправеден и поодржлив начин.

Фондацијата Отворено општество – Македонија  во периодот што следува уште поинтензивно ќе се занимава со ова клучно прашање.  За таа цел, отворивме ново работно портфолио (GREEN LEAP – Партнерство за климатски акции), чијашто стратегиска цел е да ги зајакне актерите од граѓанското општество, за да можат да ја преземат и одржат лидерска улога во обликувањето на решенијата за политиките за климатски акции и одржлив развој. Активностите ќе вклучуваат: 1) грантови за актерите од граѓанското општество за мониторинг и активности за застапување; 2) зајакнување на постојните и на новите актери од граѓанското општество, вклучително и на припадниците на социјално исклучените и маргинализираните заедници; 3) мапирање на постојните празнини во политиките и во законодавството, и 4) спроведување кампањи за јавно образование и креативен активизам за да се предизвикаат доминантните наративи и да се мотивира јавноста за пошироко учество и интерес за климатските акции. Очекуваме нашите напори значително да придонесат за заживување на ова поле, кое во моментов се одликува со недоволен број добро информирани и адекватно подготвени граѓански организации кои можат да одговорат на многубројните сериозни задачи што произлегуваат од комплексноста на содржините и пристапите за одржливи и ефективни политики во оваа сфера. Очекуваме да зајакне граѓанската платформа за забрзани климатски акции, за да може  граѓанскиот сектор да се профилира како сериозен партнер на властите при дефинирањето на соодветните одржливи политики.

Одреден период од почетокот на овој стратегиски циклус, ќе продоложиме да ја насочуваме нашата работа во три општини (Тетово, Битола и Штип), кои дејствуваат како индустриски, економски и социо-културни центри во Република Северна Македонија. Испробувајќи различни пристапи, ги истражуваме и ги поддржуваме силните страни на овие заедници, како основа за забрзан и за поефикасен придонес во локалниот развој и унапредувањето на локалната демократија.

Во здружените напори што ги вложуваме со нашите локални партнери, ќе ни биде потребна тематска и финансиска помош за да продолжиме со нашата потрага по иновативни и одржливи пристапи и модели на мали бизниси кои ќе бидат поволни – но не само финансиски – за припадниците на социјално загрозените заедници, и кои ќе дадат значаен и суштински придонес за поефикасно користење и управување со отпадот, за почист воздух и вода, намалување на загадувањето и социо-економскиот напредок на локално ниво. Ние сакаме да покажеме дека со напредокот на економски план, со вклучувањето на заедниците во активностите и со заедничко застапување и водење кампања за одржливи решенија за почист воздух, вода и почва, ќе дадеме значителен придонес кон одржливите климатски акции и обезбедувањето подобра иднина.

 

ПОГЛАВЈЕ 27 И СЕКТОРСКИ ПРИСТАП

Политиката за животна средина на ЕУ има за цел да промовира одржлив развој и да ја заштити животната средина за сегашните и за идните генерации.

Според новата Методологија за пристапување во ЕУ, Поглавјето 27 (Животна средина и климатски промени), како и уште три други поглавја, се наоѓа во четвртиот кластер „Зелена агенда и одржлива поврзаност“.

Доколку го тргнеме настрана првиот кластер  (Fundamentals), односно поглавјата 23 и 24, Поглавјето 27 е најобемното поглавје и, дефинитивно, поглавје за кое се потребни најмногу финансии и инвестиции.

Поглавјето 27 содржи повеќе од 200 правни акти кои ја опфаќаат хоризонталната легислатива, квалитетот на водата и воздухот, управувањето со отпадот, заштитата на природата, контролата на индустриското загадување итн. За обемноста на самото поглавје доволно говори фактот дека прописите со кои нè задолжува ЕУ, а се поврзани со животната средина, претставуваат најмалку една третина од сите прописи на ЕУ.

Во однос на висината на  инвестициите кои се потребни за обезбедување усогласеност со ЕУ за ова поглавје само како пример ќе споменам дека, според предвиденото, Пречистителната станица во Скопје, која се гради во моментов, треба да чини околу 136 милиони евра, додека Пречистителната станица во Прилеп чинеше нешто над 9,5 милиони евра. Правилата и стандардите на ЕУ за управување со води налагаат дека секое населено место кое има над 20.000 жители треба да има пречистителна станица.

Обемноста на прописите и висината на инвестициите само дополнително ја потврдуваат важноста  на вклучувањето на сите засегнати страни во креирањето на политиките на овие толку важни теми. Секторскиот пристап што го диктира ЕУ, како и секторските работни групи, се одлична шанса за тоа, секако доколку се користат правилно.

 

ЗОШТО Е ВАЖЕН СЕКТОРСКИОТ ПРИСТАП?

Секторскиот пристап претставува координирано планирање, спроведување и следење на политиките во одреден сектор, преку јасно поставување на приоритетите, целите, индикаторите и одговорностите за финансирањето. Секторскиот приод на ИПА II е предуслов за распределување на средствата и значаен двигател на промените. Токму ефикасноста во секторскиот приод е еден од клучните критериуми за проценка на подготвеноста на земјата за добивање средства од ЕУ.

Оттука, секторските работни групи имаат многу важна улога, бидејќи – како што веќе знаете – тие претставуваат широко поставени меѓуресорски форуми за разгледување, креирање и следење на политиките поврзани со процесот на пристапување во Европската Унија (ЕУ), чијашто реализација е поддржана преку Инструментот за претпристапна помош (ИПА).

 

СРГ ЖИВОТНА СРЕДИНА И КЛИМАТСКИ АКЦИИ

Би сакала да посочам неколку работи за кои сметам дека можат значително да ја унапредат работата на оваа мошне значајна секторска работна група.

Прво, од спроведениот мониторинг на состојбата може да се заклучи дека не постои унифициран начин на кој се организира и се уредува членството и учеството на граѓанското општество во сите секторски работни групи, вклучувајќи ја и СРГ за животна средина и климатски акции. Дополнителен проблем за оваа секторска група која е основана во 2015 година претставува фактот што сѐ уште нема усвоен деловник, ниту пак решение за работа.

Затоа, наша заложба во идниот период, во соработка со Секретаријатот за европски прашања, ќе биде да се ревидира моделот за избор на претставниците на граѓанските организации во сите секторски работни групи, преку менување/донесување на деловниците за работа. Исто така, ќе се залагаме да се воспостави обврска за двострана комуникација меѓу учесниците од ГО во СРГ со крајните корисници или со другите граѓански организации за прашањата кои се директно поврзани со нивното учество во СРГ.

Второ, како формален механизам за соработка меѓу граѓанското општество и институциите, неопходно е секторските работни групи да имаат годишни планови за работа, за да можат да се предвидат динамиката, документите и очекувањата од работата на оваа група.

И за крај, или трето, дополнителен услов за структурно учество на ГО во работењето на СРГ претставува достапноста на информациите, односно почитувањето на принципот на транспарентност на кој се заснова работењето на СРГ. Во таа насока, неопходно е на интернет-страницата на ресорното министерство да се постават вести, документи, решенија и записници од одржаните средби на секторската работна група, како начин за информирање на сите заинтересирани страни.

 

***

Секторската консултација на тема животна средина и климатски промени е дел од активностите реализирани во рамки на проектот „Дијалог со граѓанските организации – платформа за структурно учество во ЕУ-интеграциите“, имплементиран од Фондацијата Отворено општество – Македонија, во партнерство со Центарот за граѓански комуникации, Реактор-Истражување во акција и Евротинк, а финансиран од Европската Унија. Соработник на овој проект е Секретаријатот за европски прашања.

—————————————————

5 март 2021