На 15.04.2021, Фондацијата Отворено општество ‒ Македонија (ФООМ) и ЗОР Милиеуконтакт Македонија ја реализираа првата обука на тема Климатски промени наменета за јавната администрација од Општина Штип. Целта на обуката беше да се понудат дополнителни информации и да се унапреди знаењето на претставниците на локалната јавна администрација за климатските промени и имплементација на мерките и политиките на локално ниво.
На работилницата присуствуваа петнаесетина (15) вработени во општинската администрација во Штип од одделение за информатички работи, одделение за урбанизам, градежништво, станбени работи и заштита на животната средина, одделение за уредување на градежно земјиште, регулација и геодетски работи, одделение за локален економски развој, одделение за управување со човечки ресурси и др. Обучувачи беа Маја Марковска, Извршен Директор на ЗОР Милиеуконтакт Македонија и Д-р Петра Поп Ристова, Акватичен еколог микробиолог, проектен координатор во ЗОР Милиеуконтакт Македонија.
Обуката содржеше преглед на меѓународната законска регулатива која се однесува на климатските промени (Рамковната конвенција на ОН за климатски промени и Парискиот договор) , националната законска регулатива (досегашните одредби и членови од законот за животна средина кои се однесуваат на климатските промени, справување со опустинувањето и ублажување на ефектите од суши, односно планските документи кои треба да бидат изготвени од МЖСПП, начините на нивно спроведување и известување за спроведувањето, како и стратешките документи (Стратегија за животна средина и климатски промени 2014-2020, со Акционен план за постигнување на целите за заштита на животната средина и климатските промени). Беше споделена информација и за изработката на првиот рамковен закон за климатска акција, како и нацрт верзијата на долгорочната стратегија за климатска акција 2020-2050. Беше даден и краток преглед на влијанијата и ранливоста на климатските промени на водата, животната средина, храната и здравјето на човекот. Беа објаснети и поимите митигација или активности за ублажување на климатските промени, прикажани преку намалување на емисиите на стакленички гасови и зголемување на јаглеродните резерви и адаптација или активности за намалување на ранливоста на климатските промени а се разговараше и за мерките за митигација (енергетско-ефикасни фасади, енергетско-ефикасни куќни апарати, енергетско-ефикасно затоплување и загревање, замена на енергетскиот реагенс – струја наместо мазут/нафта, одржливо производство на струја – соларни панели, ветерници, хидроцентрали, електрификација на индустријата и електрификација на транспортот) и мерките за адаптација во секторите водни ресурси, намалување на ризици од катастрофи, здравство, земјоделство, урбани средини.
На обуката беа презентирани и активностите во проектот „Општински Стратегии за климатски промени“, кој беше финансиран од USAID, а се спроведуваше од страна на ЗОР Милиеуконтакт Македонија (2012-2017 година), како и искуствата и бенефитите за општините кои учествуваа во него и изготвија локални стратегии за климатски промени (14 општини) и спроведоа пилот проекти и ургентни акции (10 општини).
На крај од обуката беше презентиран концептот на Одржливи, зелени и климатско-неутрални градови, кои се причина, но во исто време може да бидат и решение за климатските промени, ако се земе во предвид дека градовите можат да допринесат до остварување на 40% од целите на Парискиот климатски договор. Како предлог решенија за градовите беа посочени: климатско урбано планирање, зголемување на површини со паркови, зелени кровови, зелени фасади, урбани градини, урбани водени живеалишта, пери-урбани водени живеалишта и др.
Обуката се спроведуваше во рамки на Концептот на ФООМ „Зелен скок – Партнерства за климатска акција“.
—————————————————
20 април 2021