Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Транспарентноста и отчетноста на јавните институции пред граѓаните е на незадоволително ниско ниво. Од вкупно 89 мониторирани јавни институции, од кои 15 министерства, помалку од половина односно 35 одговориле на над 90% од барањата за пристап до информации од јавен карактер. Дополнително, од 25 анализирани институции, ниту една ги нема јавно објавено сите документи кои се однесуваат на буџетските трошења, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер. Само Владата и Министерството за финансии објавиле над 40% од документите, додека останатите 23 институции се проактивно нетранспарентни. Ова се заклучоците од истражувањето за реактивната и проактивната транспарентност кај јавните институции во 2019 година, кое беше презентирано на денешната јавна дебата, организирана од Здружението за еманципација, солидарност и еднаквост на жените – ЕСЕ.

На настанот кој се одржа на денот кога се одбележува Меѓународниот ден „Имам право да знам“, се обрати и Извршната директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Фани Каранфилова – Пановска. Таа нагласи дека зголемувањето на нивото на транспарентноста на институциите има позитивно влијание од аспект на демократизацијата на државата, бидејќи на граѓаните ѝм овозможува контрола над институциите.

Отчетните и отворени институции  за вклучување на сите граѓани се една од компонентите на отвореното општество. Затоа, долгорочна стратешка определба на Фондацијата Отворено општество – Македонија е унапредувањето на владеењето на правото, а посебно внимание се посветува на унапредување на отчетноста и отвореноста на институциите. Од отвореноста има повеќе бенефити: таа е услов за демократија, граѓаните добиваат информации и знаење за да учествуваат во политичкиот живот; постои слобода на критичката мисла; властите се одговорни за донесените одлуки; граѓаните слободно бараат одговорност од институциите за политиките што ги спроведуваат; постои владеење на правото, се почитуваат човековите права. Смислата на пристапот до информациите е да им овозможи на граѓаните да видат како работи власта, односно да бидат во можност да откријат корупција или лошо работење при креирањето на политиките, како и да бидат во можност да носат информирани одлуки.

„Фондацијата учествуваше и даде придонес во креирањето на националната стратегија за транспарентност, националната стратегија за справување со корупција, развивањето на акцискиот план за отворено владино партнерство кој опфаќа седум значајни области меѓу кои фискалната транспарентност. Воедно, не помало е значењето на континуираната поддршка која ФООМ ја обезбедува за граѓанските организации во насока на следење на имплементацијата на политиките и застапување за промени. Ги поддржуваме организациите за примена на нови и иновативни методологии за овозможување на комуникацијата помеѓу граѓаните и  јавните институции, како и јакнење на капацитетите на граѓаните самостојно да ги препознаават прекршувањата во оваа област и да бараат промени. Поддржуваме активности за оценување на нивото на транспарентност и отчетност на јавните институции во области кои се од суштинско значење за квалитетен живот и добросостојба на граѓаните, како што се образованието, здравството и животната средина.

За ФООМ особено се важни и внимаваме да обезбедиме поддршка за јакнење на граѓаните кои се маргинализирани и немоќни самостојно да се справуваат со неможноста да пристапат до институциите и да ги остварат своите права и пристап до основните јавни услуги. ФООМ подржува активности за едукација на граѓаните за препознавање на неправилностите и неправдите како и јавни настани на кои се истакнуваат проблемите во оваа област, се предлагаат и бараат решенија за нивно надминување. Многу сме горди на иницијативата и поддршката која ја дадовме на студентите од Правниот факултет во Скопје. Во насока на нивна едукација за правото за слободен пристап до информации, се застапувавме за воспоставување изборен предмет од оваа проблематика, поддржавме учебено помагало и правна клиника за слободен пристап, за да им овозможиме на студентите практична работа.“

Воедно, Фани Каранфилова – Пановска го потенцираше фактот дека Фондацијата, поттикнува, охрабрува и учествува во креирање и функционирање на повеќе мрежи, платформи и коалиции за здружено настапување пред институциите, на пример, како што се  – Мрежата на организации за Отворено владино партнерство, Мрежата за заштита од дискриминација или пак Мрежа за борба против корупција.

„Клучно уназадување во 2019 година во однос на 2018 година има во добивањето одговори по редовна постапка односно од 87 отсто е намалено на 80 отсто од доставените барања. Ова значи дека институциите помалку го почитуваат правото односно обезбедуваат помал број информации по редовна постапка. Исто така, има уназадување во просечниот период за добивање одговор, кој од 68 зголемен е на 74 дена“, рече Дарко Антиќ, програмски координатор во ЕСЕ.

„Не се достапни ни базични информации, а некои институции немаат ниту веб страна. Најсвеж пример е студентскиот дом Пелагонија каде баравме информации за наше истражување за студентскиот стандард и увидовме дека нема своја интернет страница каде може да ги најдеме потребните податоци“, истакна Петар Барлаковски, програмски координатор во МОФ.

Учесниците на дебатата посочија дека унапредувањето на транспарентноста, отчетноста и партиципативноста во работењето на јавниот сектор е од клучно значење за идниот развој на земјата, особено во насока на исполнување на критериумите кои се дел од преговорите за членство во Европската Унија.

„Пандемијата со КОВИД-19 покажа ноа момент во делот на фискалната транспарентност односно зголемување на граѓанскиот надзор и контрола врз буџетските средства дали тие се потрошени за намената за кој се предвидени и дали стигнале до финалните корисници за кои биле наменети“, изјави Хелен Турек, главна регионална координаторка на ОВП за Европа.

Директните учесници во работењето на институциите очекуваат подобрување во овој сегмент, со оглед на мерките кои се преземени во последните неколку години, во насока на поголема транспарентност пред граѓаните.

„Најтешко е да ја промените културата на работење во институциите. Голем предизвик е да им се објасни на службениците на кои ова не им е главна работна обврска дека тие информации не се на министерството туку се на граѓаните. Сепак, имаме стратешки пристап, артикулирана желба во пишан збор која може да се следи и во крајна линија тука е Стратегијата за транспарентност која треба да ги покрие сите области“, рече Гордана Гапиќ Димитровска, државен советник во Министерството за информатичко општество и администрација.

Главни препораки на ЕСЕ за поттикнување на отвореноста на институциите се зголемување на свеста за важноста на ова прашање кај вработените во јавниот сектор, но и помеѓу граѓаните и компаниите, како и да се преземат чекори за ревидирање на владините мерки за унапредување на транспарентноста на институциите.

Проектот за оценување на транспарентноста на јавните институции е поддржан од Европската Унија и од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

29 септември 2020