Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Текстилната индустрија со околу 35.000 вработени и повеќе од 600 милиони евра годишен извоз е една од водечките индустриски гранки во Република Северна Македонија, која продуцира околу 700 тони отпад годишно. Општина Штип, со околу 80 текстилни компании е општина со најразвиена текстилна индустрија во државата, која создава најголема количина на нерешен текстилен отпад.

Овој отпад претставува огромен потенцијал како евтина суровина за производство нови материјали со додадена вредност. Дополнително, нема информации за текстилниот отпад кој се генерира од домаќинствата (износени алишта), а кој исто така претставува сериозен проблем кој ја загадува животната средина. Селекцијата на отпад сеуште е во зародиш во Општина Штип и создавањето на навики за селекција е предуслов за успешно справување со отпадот генерално.

Во рамките на 3Р проектот (Редуцирај, Реупотреби, Рециклирај), Фондацијата за развој на локалната заедница Штип спроведе истражување на состојбата со текстилниот отпад во Општина Штип. Анализата на состојбата со текстилниот отпад е сублимат од состојбата на терен, како во пракса локалните и националните власти го третираат проблемот со текстилниот отпад, и дава краток осврт на можностите за реупотреба и споделени позитивни приказни од разни делови на земјата и регионот. Документот содржи и експозе на правната регулатива во врска со отпадот со препораки до сите чинители во оваа област, за справување со проблемот на текстилен отпад во општината.

Истражувањето е достапно на следниов линк.

—————————————————

2 јуни 2022