Креативна акција која имаше за цел информирање и подигнување на свесноста на пошироката јавност во однос на вакцинацијата за заштита од КОВИД-19, како и давање на практична помош на граѓаните да се регистрираат во онлајн системот vakcinacija.mk се спроведе денес, 2 јуни 2021, во Прилеп.
Оваа креативна акција е првата акција од која се очекува да произлезат помали акции во одредени населени места и тоа: ромската населба – Тризла во општина Прилеп, како и руралните места во кои граѓаните имаат потреба од дигитална поддршка за обезбедување термин за вакцинација, како и дополнителни вистинити информации преку кои би се ослободиле од лажните вести поврзани со вакцинацијата кои постојано се шират по социјалните мрежи. Со оглед на фактот што во Прилеп и околните рурални места живеат голем број граѓани кои со соочуваат со различни економски, социјални и географски бариери, како и поради фактот што постојат голем број дигитално неписмени луѓе, вестите и соопштенијата кои Владата на РСМ ги објавува во врска со вакцинацијата за заштита од Ковид-19 не можат да допрат до пошироката јавност со што голем дел од граѓаните се оневозможени да се информираат, да се пријават и да се вакцинираат.
Перформансот се состоеше од креативно изработен симбол од корна вирусот и шприц во голем формат посветен на вакцината за заштита од Ковид-19, се споделуваа информации во врска со имунизацијата преку дистрибуција на малечки картонски симболични шишенца со вакцини кои треба да ги добијат граѓаните што поскоро и што помасовно како би се обезбедил колективен имунитет. Исто така, беше отворен и штанд на кој граѓаните имаа можност да се информираат и да се пријават за вакцинација, во истиот момент.
Во изминатиот период во услови на здравствена криза и светската пандемија поради КОВИД-19, маргинализираните групи на граѓани се соочуваат со дополнитени предизвици, особено поради недостапноста на вакцините против КОВИД-19 до овие групи на граѓани, кои немаат финансиски средства да патуваат до друг град, со оглед на фактот што во нашиот град не можат да примат друга вакцина, освен Астразенека. И покрај фактот што пред 7 дена, во Прилеп се отвори и првиот вакцинален пункт, во моментов се аплицираат единствено вакцините на производителот Астразенека кои се наменети за граѓани над 60 годишна возраст, а останатите граѓани се приморани да патуваат до Битола за да примат вакцина од друг производител што ги изложува на дополнителни трошоци кои не се во можност да ги покријат.
Очекувањата од спроведената акција се зголемување на бројот на пријавени граѓани за вакцинација што ќе доведе до масовна имунизација и создавање на колективен имунитет кај населението во Република Северна Македонија кое дополнително ќе придонесе за олабавување на заштитните мерки кои често претставуваат терет за граѓаните кои не можат да си дозволат континуирано почитување на истите поради економската или социјалната состојба во која се наоѓаат.
Акцијата ја спроведоа Здружение за правна едукација и транспарентност Станица П.Е.Т. од Прилеп, заедно со партнерските организации Здружение за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје), Национален Ромски Центар (Куманово), ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија на заедниците од Скопје, Центарот за современи уметности од Скопје и Фондацијата Отворено општество – Македонија
***
*Акцијата е дел од обуката за креативен активизам на ромски организации која ја спроведува Фондацијата Отворено општество – Македонија со Центарот за современи уметности од Скопје, а на обуката и во креирањето и спроведувањето на акцијата учествуваат претставници на Здружение за правна едукација и транспарентност СТАНИЦА П.Е.Т. (Прилеп); ИРИЗ – Иницијатива за развој и инклузија назаедниците (Скопје); Здружението за развој и унапредување на ромската заедница Романо Чачипе (Скопје) и Здружение Национален Ромски Центар (Куманово).
—————————————————
2 јуни 2021