Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Отпадот претставува глобален проблем кој има сериозни импликации врз економијата, животната средина и врз севкупното живеење. Традиционалната економија која е базирана на принципот: земи, направи, употреби, фрли и загади, e модел кој го напуштаат многу земји и го заменуваат со новиот регенеративен пристап наречен кружна економија, затворен кружен процес кој во секоја фаза се грижи за отпадот кој треба да се намали, да се рециклира и да се реупотреби.

Од 1 јануари 2023 година во сила стапува Законот за управување со дополнителни текови на отпад. Со овој закон се уредуваат барањата за заштита на животната средина и здравјето на луѓето преку спречување или намалување на негативните влијанија од создавањето и постапувањето со отпаден текстил, гуми, масла и возила, што треба да се исполнат при производството на текстил, гуми, масла и возила и собирање, повторна употреба, третман, преработка и отстранување на отпадот кој се создава од нив во тек на нивниот животен век, како и другите прашања поврзани со постапувањето со отпаден текстил, гуми, масла и возила од страна на економските оператори и другите субјекти кои учествуваат во постапките на производство и постапувањето со истите.

Основни цели на овој закон се:

1) намалување на негативното влијание од текстилот, гумите, маслата и возилата и отпадот од текстил, гуми, масла и возила, врз животната средина и врз здравјето на луѓето;

2) унапредување на стандардите за заштита на животната средина од страна на економските оператори во текот на целиот животен циклус на производите, а особено при собирање, третман, повторната употреба, преработката и отстранувањето на отпадот од текстил, гуми, масла и возила.

Законот носи големи промени во практичното постапување со отпадот и наметнува сериозни обврски за производителите, за потрошувачите и за локалните власти,  предвидува спречување на создавање на текстилен отпад, горење на истиот и преземање на отпаден текстил и гума од трговец. Законот предвидува и обврски на градоначалникот, како и „Крајниот корисник, кој создава отпаден текстил е должен создадениот отпаден текстил да го собира и чува одвоено од мешан комунален отпад или друг вид на отпад и да го предаде на трговец, собирач на отпадни производи или во собирен центар или други локации“. Како национална цел поставена во законот е оптимистичка, за собирање за 2025 година: отпаден текстил – 15%.

Преку широко информирање на јавноста за предизвиците и обврските со кои се соочуваме сите од прагот на 2023 година, операторите навремено ќе се подготват за обврските кои произлегуваат а граѓаните ќе ги прилагодат навиките за постапувањето со отпадот.

Проект „4Р (редуцирај,рециклирај,реупотреби,реагирај)“ поддржан од Фондација Отворено општество – Македонија.

—————————————————

8 ноември 2022