Една од позначајните новини воведена во 2019 година во Република Северна Македонија е преобразувањето на политичките партии во иматели на информации од јавен карактер во однос на нивните приходи и расходи. Со цел да се измери нивната активна транспарентност беше создаден таканаречен „Индекс на транспарентност на политичките партии“, преку кој се мери колку партиите во Северна Македонија проактивно, самостојно и редовно објавуваат информации за своето работење на сопствените веб-страници.
Во периодот од 1 ноември до 20 декември 2021 година, беа набљудувани веб-страниците на сите 20 политички партии кои се дел од парламентарниот состав од 2020 до 2024 година, како и на 8 вонпарламентарни партии. Од вкупно 28 политички партии вклучени во примерокот на истражувањето, предмет на анализа кај поединечните индикатори се 23 функционални веб-страници.
Индексот на транспарентност на политичките партии, содржи 33 прашања, со вкупно 120 поени3. За аналитички потреби на индексот, развиени се 5 степени на транспарентност на партиите:
- Одлична активна транспарентност – освоени помеѓу 120 и 97 поени;
- Многу добра активна транспарентност – освоени помеѓу 96 и 73 поени;
- Добра активна транспарентност – освоени помеѓу 72 и 49 поени;
- Задоволителна активна транспарентност – освоени помеѓу 48 и 25 поени;
- Незадоволителна активна транспарентност – освоени помеѓу 24 и 0 поени.
Според резултатите добиени од Индексот на транспарентност на политичките партии, можеме да заклучиме дека речиси 43 % од партиите (12) кои се вклучени во примерокот, освоиле помеѓу 24 и 0 поени, и со тоа спаѓаат во последната категорија на партии со „незадоволителна активна транспарентност“. Пет од овие партии немаат функционални веб-страници, и со тоа, воопшто, немаат добиено поени. Речиси 46 % (13) од анализираните политички партии освоиле помеѓу 48 и 25 поени, што ги сместува во категоријата на партии со „задоволителна активна транспарентност“. Само 10 % (3) од истражуваните политички партии, освоиле помеѓу 72 и 49 поени, и со тоа влегоа во категоријата на партии со „добра активна транспарентност“.
Документот за јавни политики е достапен на македонски јазик и на албански јазик.
Овој документ за јавни политики е подготвен од Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) за Меѓународниот републикански институт (ИРИ) во рамки на програмата „Унапредување на финансиската транспарентност на политичките партии во Република Северна Македонија“ со финансиска поддршка на Националниот фонд за демократија од Соединетите Американски Држави (САД).
За содржината е одговорен ФООМ и во никој случај не ги рефлектира позициите на Meѓународниот републикански институт (ИРИ) и на Националниот фонд за демократија.“
—————————————————
27 мај 2022