Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Одржана дебата за предизвиците во спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација

 

Во организација на Мрежата за заштита од дискриминација се одржа јавна дебата, поддржана од Фондацијата Отворено општество – Македонија, која беше посветена на предизвиците во спроведувањето на Законот за спречување и заштита од дискриминација. На дебатата присуствуваа претставници на граѓанските организации, Министерството за труд и социјална политика, медиумите и Народниот правобранител.

„Во состојба во која Комисијата за спречување и заштита од дискриминација сé уште не е формирана, согласно новиот закон, немаме институционални механизми пред кои можеме да ги пријавиме овие случаи“.

Граѓанските организации потенцираа дека четири месеци по донесување на Законот за спречување и заштита од дискриминација, спроведувањето сé уште не е започнато. Новиот состав на Комисијата за заштита од дискриминација сé уште не е избран од страна на Собранието на Република Северна Македонија. Дополнително, процесот на избор на членови на Комисијата, согласно укажувањата на Мрежата е нетранспарентен и неинклузивен. Јавноста не е запознаена ниту до каде е процесот на избор, ниту кој аплицирал, ниту дали квалификациите на пријавените се соодветни на барањата од огласот, ниту пак дали при изборот на Комисијата ќе се испочитува принципот на правична застапеност и родов баланс.

„Во изминатиот период бевме сведоци на чест сексистички говор од страна на јавни личности и од страна на медиумите како и говор на омраза. Во состојба во која Комисијата за спречување и заштита од дискриминација сé уште не е формирана, согласно новиот закон, немаме институционални механизми пред кои можеме да ги пријавиме овие случаи“.

Според податоците со кои располага Мрежата за заштита од дискриминација, во 2018 е забележан рапиден раст година на поднесени претставки до Комисијата за заштита од дискриминација –  поднесени се 132 претставки, за разлика од 2017 година кога беа поднесени 59 претставки. Но, со одлагањето на изборот на членовите на Комисијата, може да се создаде ситуација на правен вакуум бидејќи постои можност да истече рокот за постапување по веќе поднесените претставки од страна на граѓаните за дискриминација по разни основи. На тој начин, а поради ова доцнење, граѓаните не можат да добијат ефикасна заштита од дискриминација, особено доколку истата се случува во приватниот сектор.

МЗД инсистира Собранието итно да ја формира независната Комисија за заштита од дискриминација, како клучен елемент за имплементација на Законот за спречување и заштита од дискриминација. Притоа потребно да се изберат професионални и независни кандидати кои на нити еден начин не се поврзани со политичките партии. Понатаму, етничката припадност не смее да биде единствен критериум, и неопходно е да се води сметка за родовиот баланс и да се вклучат претставници на маргинализираните заедници.

Од Мрежата за заштита од дискриминација потенцираа дека и покрај политичката волја, прашањето сепак не се третира доволно сериозно. Во демократска држава прашањето за недискриминација мора да биде приоритет, особено во пресрет на очекувањата за почеток на преговори за членство во ЕУ.

 

—————————————————

30 септември 2019