Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Преминувањето на онлајн настава како резултат на пандемијата, донесе низа предизвици за училиштата, за наставниците, за учениците и за нивните родители. За да помогне во справувањето со кризата и спроведувањето на онлајн наставата, Фондацијата Отворено општество-Македонија ја понуди својата помош пред сè на социјално загрозените семејства како и основните училишта од руралните подрачја со јазик на настава на помалку бројните етнички заедници кои во изминатиот период се дел од  поддржаните интервенции на ФООМ во образованието.

Очигледно е дека децата од маргинализираните заедници се соочија со најголем проблем во следењето на наставата, а редовноста практично е невозможна бидејќи немаат ниту техничка ниту софтверска поддршка за да бидат присутни онлајн заедно со своите соученици. Одржувањето на наставата пак во училиштата во кои учат ученици на јазиците на помалку бројните етнички заедници и во нормални услови е отежнато, а со почетокот на епидемијата, предизвиците повеќекратно се зголемија и станаа многу јасно видливи.

За да се овозможи редовно следење на наставата, Фондацијата Отворено општество – Македонија во изминатиот период обезбеди донација на таблет уреди со интернет картички за 350 деца од социјално загрозени семејства. Воедно, за 10 училишта во кои наставата на јазиците на помалку бројните заедници ја следат околу 5.000 ученици, обезбедивме техничка опрема неопходна за реализација на онлајн настава како преносни компјутери, десктоп компјутери, печатачи, смарт-табли, ЛЦД проектори итн. Целосната донација која Фондацијата ја обезбеди за оваа намена е 110.000 долари.

Фондацијата верува дека инвестирањето во квалитетно инклузивно образование е предуслов за градење отворено демократско општество и го гледа образованието како клучен промотор на социјалната кохезија, а училиштата како природни средини во која етничките, културните и јазичните различности се разбираат, промовираат и вреднуваат како предност. Тоа се места каде што сите ученици треба да се чувствуваат добредојдени и каде ќе им биде дадена можност да ги постигнат своите максимум потенцијали за учество, учење и напредување. Затоа, поддршката за образованието е и ќе остане еден од најважните приоритети на Фондацијата.

—————————————————

15 октомври 2020