Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Членството на Република Северна Македонија во Европската Унија е стратешка определба од самото осамостојување на државата. По добивањето на кандидатскиот статус на Република Северна Македонија во Европската Унија во 2005 година, првиот посериозен исчекор на ова поле е минатогодишниот заклучок на Советот на ЕУ, кој вели: „Со оглед на горенаведениот напредок, особено со спроведувањето на договорот од Пржино, итните реформски приоритети и позитивниот импулс создаден со договорот за името со Грција, Советот на Европската Унија се согласува позитивно да одговори на горенаведениот напредок направен од страна на Поранешната Југословенска Република Македонија и да го постави патот кон отворање на пристапните преговори во јуни 2019 година. Со ваквата препорака, Советот ја нагласува критичната потреба за Република Северна Македонија да продолжи со конкретниот напредок во итните реформски приоритети и да даде натамошни видливи резултати во борбата против корупцијата, одржувањето и продлабочувањето на сегашниот реформски импулс“

Имајќи го предвид заклучокот на Советот на ЕУ за започнување на преговорите во јуни 2019 година, Република Северна Македонија мора да започне со подготовка на структурата за преговори со Европската Унија. Сепак, и покрај овој заклучок на Советот, започнувањето на преговорите во јуни 2019 година е оптимистички, имајќи предвид дека во мај 2019 година има избори за Eвропскиот парламент, со што останува непознат составот на новата Eвропска комисија, нејзиниот став кон проширувањето и, воопшто, ставот кон Северна Македонија и почетокот на преговорите за влез на Северна Македонија во ЕУ. Генерално, ставот на старата Eвропска комисија во однос на проширувањето и ставот на новата Европска комисија по мај 2019 година не би требало да се разликуваат, но сепак постои мал ризик тој да биде променет и новата Европска комисија да не биде насочена кон проширување на Унијата со нови членки. Дополнително, тука се и државите-членки чиишто политики и ставови и во моментов не се наклонети кон проширување на ЕУ, како Холандија, Франција и Данска, па оттука не можеме да претпоставиме каков ќе биде нивниот став кон тоа Северна Македонија да ги започне преговорите во јуни 2019 година.

„Движечката сила на преговорите: Улогата на јавната администрација во преговорите, согледана низ работните групи“ е документ за јавна политика кој се обидува да даде преглед на улогата на јавната администрација во рамките на процесот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ. Јавната администрација во преговорите ќе учествува директно, преку работните групи. Токму затоа, целна група на овој документ за јавна политика ќе бидат работните групи.

Преговорите се процес кога државата која преговара всушност се подготвува за членство во Европската Унија. Тоа се прави преку отворање на различни поглавја, во случајот со Северна Македонија тоа се 35 поглавја во различни области, преку кои – низ процес на преговори – законодавството на ЕУ ќе се транспонира во македонското. Во рамките на преговорите, јавната администрација ќе биде директно вклучена во процесот, преку работни групи. Затоа, фокусот на овој документ за јавна политика се токму работните групи за преговорите. Во работните групи, освен јавната администрација, можат да членуваат и надворешни експерти, членови на академската заедница и на граѓанскиот сектор. Составот на работните групи, како и нивните надлежности, ги уредува секоја држава која преговара за членство во ЕУ.

Не постои еден единствен модел на преговори, односно секоја држава воспоставува своја сопствена структура која се разликува од држава до држава. Сепак, она што е заедничко за сите досега воспоставени работни групи за преговори и во други земји е најголемиот и најтешкиот дел од работата – усогласувањето, односно подготовката на преговарачките позиции. Овие работни групи ќе бидат главен двигател во процесот на преговорите. И покрај фактот што ќе бидат задолжени за поткрепа на преговарачките ставови, членовите на групите дополнително ќе имаат обврска да го следат процесот на преговарањето, да ги анализираат приоритетите на Република Северна Македонија во определено поглавје, да водат сметка за вградување на приоритетите за ЕУ во буџетот и во акционите планови, да подготвуваат преглед на усогласеноста на соодветното законодавство и да прават оценка на влијанието на усогласувањето на законодавството во одредено поглавје.

Целта на овој документ за јавна политика е преку компаративна анализа со искуството на државите кои во моментов преговараат за членство во ЕУ, како Србија и Црна Гора, но и Хрватска која најскоро го има затворено овој процес, да се пресликаат добрите практики при формирањето и функционирањето на работните групи. Притоа, овој документ за јавна политика гo користи и постоечкиот контекст на јавната администрација како држава-кандидат за преговори од 2005, односно досегашното искуство во однос на ЕУ и поставеноста на јавната администрација во Северна Македонија. За таа цел се направени интервјуа со искусни вработени во јавната администрација, кои се добри познавачи на тековните случувања во јавната администрација во процесот на пристапувањето. Дополнително, за потребите на овој документ се разгледувани и компаративно анализирани горенаведените држави – Србија, Црна Гора и Хрватска.
Автор на документот за јавни политики е Диана Жупаноска.
Анализата е достапна на следниот линк.

—————————————————

12 јуни 2019