Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Дискриминаторските практики и стереотипи и понатаму влијаат врз најмаргинализираните групи во општеството и го попречуваат нивното учество на пазарот на трудот. Дека структурните недостатоци сè уште се забележуваат и на пазарот на трудот и оневозможуваат потенцијален раст и развој, констатира и Европската комисија (ЕК) во својот Извештај за напредокот на Република Северна Македонија. Родовиот јаз на пазарот на трудот во 2020 година се зголемил за 22,7 процентни поени, што се должи на фактот дека поголем дел од жените (во споредба со мажите) биле исклучени од пазарот на трудот оваа година. Стапката на вработеност кај мажите (од 20 до 64 г.) во 2020 година изнесувала 68,9 отсто, а кај жените 49 отсто, што резултира со висок родов јаз во вработеноста од 19,9 процентни поени.

 

Тргнувајќи од фундаменталните принципи и права во работата, а врз основа на утврдените конвенции на кои им е припишан карактер на „основни“ конвенции во трудовата сфера, Меѓународната организација на трудот (МОТ) ја позиционира трудовата инспекција во центарот на промовирањето и обезбедувањето достоинствени работни услови и безбедна работна средина, почитувањето на основните принципи на работа и заштитата. Правилата на Меѓународната организација на трудот ја третираат дискриминацијата како повреда на работничките права и во ниту еден момент не ја доведуваат во прашање улогата на трудовите инспекторати како примарни заштитни механизми од дискриминација.

 

Нашиот трудов инспекторат е поставен во центарот на трудовото законодавство, како примарен механизам за заштита на работничките права. Антидискриминациското законодавство кое првенствено ги опфаќа Законот за спречување и заштита од дискриминација (ЗСЗД), Законот за работните односи и Законот за заштита од вознемирување на работното место, Законот за еднакви можности на жените и мажите и Законот за вработување на инвалидни лица, јасно ја одредуваат надлежноста на Државниот инспекторат за труд (ДИТ) да постапува во случаи на дискриминација на работа. Во моментов, ДИТ не го препознава ЗСЗД како закон кој треба да го применува секогаш кога работниците ќе пријават нееднаков третман на работа. Државниот инспекторат за труд како механизам за обезбедување достоинствени работни услови и безбедна работна средина, почитување на основните принципи на работа и заштитата во практиката не ја остварува својата улога на заштитник на работниците жртви на нееднаков третман на работното место.

 

Најновиот документ за јавни политики на Мрежата за заштита од дискриминација, „Државниот инспекторат за труд како заштитник на работниците од дискриминација“ има цел да ги идентификува можните пречки на кои наидува Државниот инспекторат за труд во примената на Законот за спречување и заштита од дискриминација и да понуди соодветно решение за нивно надминување. Воедно, преку овој документ се идентификуваат недостатоците на клучниот заштитен механизам на работничките права при воспоставување сеопфатен, ефективен и ефикасен систем на заштита од дискриминација, што се јавуваат како последица на неприменувањето на ЗСЗД.

 

 

Документот воедно нуди анализа и аргументи за моменталната и потенцијалната состојба, поставени во три можни сценарија со последиците и значењето за заштитата на работниците од дискриминација, во зависност од тоа дали ќе се задржи статус квото или ќе се променат околностите.

Целосниот документ за јавни политики можете да го најдете на следниот ЛИНК, додека извршното резиме можете да го преземете од следниот ЛИНК.

 

Документот е изработен во рамки на проектот „Мрежа за заштита од дискриминација: Здружена акција за унапредување на еднаквоста и социјалната правда на маргинализираните заедници“ е финансиски поддржан од Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

21 јануари 2022