Во рамки на концептот Партнерства во заедниците за унапредување на локалната демократија, преку грант на Машина Продакшн се реализираше документарен серијал од шест епизоди кој ги следи различните општествено-политички аспекти на справување со корона вирусот.
Серијалот колажно ги илустрира искуствата со вирусот – од првичните реакции, преку првичните дезинформации до конкретните политички мерки и се обидува да постави јасна граница меѓу обидите за транспарентност, институционалните мерки и политики и обидите за политизација, подривање на јавното здравје и лажните вести. Документарниот серијал воедно ги прави видливи различните општествени групи и бројните прашања поврзани со ранливите групи за време на вонредната состојба.
Епизодите од документарниот серијал поединечно разработуваат различни теми и вклучуваат различни соговорници и нудат посеопфатна хронологија во справувањето на земјата со епидемијата, и тоа од политички, општествен и културен аспект. Серијалот ги разгледува случувањата со корона вирусот најпрво на глобално ниво, односно глобалните реакции како вовед, за понатаму да се обработат повеќе аспекти како општествените и медиумски реакции на кризата преку ексклузивни интервјуа со претставници на новинарската фела и преку анализа на содржините на традиционалните и општествените медиуми.
Понатаму се разгледуваат и конкретните национални мерки за директно справување со кризата, но и со последиците од истата, бројните прашања поврзани со различни групи граѓани, а особено граѓани во ризик за време на пандемијата преку интервјуа со културни работници, хонорарни работници, како и самохрани родители, затвореници и претставници на постарата генерација.
Документарниот серијал ги разгледува и мултикултурните предизвици кои ги наметна, отвори и зголеми пандемијата со акцент на предизвиците за ромската заедница, но и оддава признание за посветеноста и професионалноста на здравствените работници кои го понесоа најголемиот товар во справувањето со кризата во македонското општество.
Документарниот серијал се прикажува секој ден од 21-26 декември 2020 година на МТВ 1.
Целосниот проект е кофинансиран од Европската Унија и Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Погледнете ги сите епизоди тука.
Вонредна состојба – Корона вирусот во Северна Македонја: епизода 1
Вонредна состојба – Корона вирусот во Северна Македонја: епизода 2
Вонредна состојба – Корона вирусот во Северна Македонја: епизода 3
Вонредна состојба – Корона вирусот во Северна Македонја: епизода 4
Вонредна состојба – Корона вирусот во Северна Македонја: епизода 5
Вонредна состојба – Корона вирусот во Северна Македонја: епизода 6
—————————————————
25 декември 2020