Вкупно 638 стипендии се доделени на ученици Роми запишани во прво и второ одделение во учебната 2020/2021 година во рамките на проектот финансиран од Европската Унија „РЕДОВНО НА ЧАСОВИ: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“. Проектот е имплементиран од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со своите партнери Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор.
Право на стипендија имаа ученици Роми кои се запишани во прво одделение во учебната 2020/2021 година, чии семејства се приматели на социјална помош, која е поврзана со приходите на семејствата. Следејќи ги овие критериуми, стипендии се доделија на вкупно 320 ученици запишани во прво одделение. Стипендистите доаѓаат од 58 основни училишта од 31 општина.
Воедно, во оваа учебна година се доделени 315 стипендии на ученици Роми запишани во второ одделение, и три стипендии за ученички запишани во трето одделение. Стипендистите доаѓаат од 56 основни училишта од 28 општини и 54% се девојчиња, а 46% се момчиња. На 280 од овие стипендисти им е обновена стипендијата доделена минатата година за прво одделение. Три од нив беа префрлени во второ одделение, така што оваа учебна година ја следат наставата за трето одделение и стипендијата им е обновена.
Преку стипендиите ќе се намали финансискиот трошок на ромските семејства поврзан со школувањето на нивните деца. Стипендијата се однесува на период од една учебна година, и е во висина од 400 евра годишно (во денарска противвредност). Наменета е за покривање на трошоците за школување на децата, храна, облека, училиштен прибор и материјали, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата. Редовните ученици ќе можат да ја задржат стипендијата за тековната година, a оние кои успешно ќе преминат во следното одделение, потенцијално ќе можат да ја обноват и наредната учебна година.
*****
За проектот „РЕДОВНО НА ЧАСОВИ: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“
Проектот има за цел да овозможи еднаков пристап до образование за децата Роми и да ги мотивира децата да бидат редовни на часови, но и да им помогнат на училиштата да обезбедат инклузивна средина за учење каде ќе се почитува различноста и каде сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и подеднакво стимулирани да успеат. Проектот е финансиран од Европската Унија и ќе се имплементира до октомври 2022. Повеќе информации можете да најдете на интернет страната на ФООМ и на Фејсбук страната на проектот.
—————————————————
23 февруари 2021