Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Вкупно 596 стипендии се доделени на ученици Роми запишани во прво до четврто одделение во учебната 2021/2022 година во рамки на проектот „РЕДОВНО НА ЧАСОВИ: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“ финансиран од Европската Унија. Проектот е имплементиран од страна на Фондацијата Отворено општество – Македонија заедно со своите партнери Здружението Центар за образовна поддршка Дендо вас и Фондацијата за образовни и културни иницијативи Чекор по чекор.

Право на стипендија имаа ученици Роми чии семејства се приматели на социјална помош, поврзана со приходите на семејствата и кои ја обновуваат стипендијата доделена во учебната 2020/2021. Стипендистите доаѓаат од 73 основни училишта од 31 општини, 51% се девојчиња и 49% момчиња. Преку стипендиите се намалува финансискиот трошок на ромските семејства поврзан со школувањето на нивните деца. Стипендиите се доделуваат на период од една учебна година, во висина од 400 евра годишно (во денарска противвредност), а нивното задржување и обновување зависи од редовноста на децата на часови. Стипендијата е наменета за покривање на трошоците за школување на децата, храна, облека, училиштен прибор и материјали, спортска и друга опрема за воннаставните активности на децата.

Во текот на првото полугодие од оваа учебна година 47 основни училишта, каде учат стипендисти на проектот, спроведуваа воннаставните училишни активности, кои преку игра и заедничко учество ја поттикнуваа интеракцијата и размената на знаење помеѓу учениците и интеграцијата на учениците Роми. Училиштата добија поддршка од проектот во висина од максимум 2500 евра по училиште, која вклучува дидактички материјали, училиштен прибор, спортски реквизити, училиштен мебел, библиотечен материјал, опрема, материјали за уредување на училишните дворови, како и мали адаптациони работи за уредување креативни и пријатни училишни катчиња за учење и дружење на децата, родителите и наставниците. Училиштата преку низа активности промовираа еднакви можности за сите ученици, воспоставувајќи позитивна клима во училиштето и трансформирајќи го училишниот простор во инклузивна и стимулативна средина за учење.

Проектот „РЕДОВНО НА ЧАСОВИ: Акција за вклучување на Ромите во основното образование“ има за цел да овозможи еднаков пристап до образование за децата Роми и да ги мотивира децата да бидат редовни на часови, но и да им помогне на училиштата да обезбедат инклузивна средина за учење каде ќе се почитува различноста и каде сите деца ќе се чувствуваат добредојдени и подеднакво стимулирани да успеат. Проектот е финансиран од Европската Унија и ќе се имплементира до октомври 2022. Повеќе информации можете да најдете на интернет страницата на ФООМ и на Фејсбук страната на проектот.

—————————————————

9 март 2022