Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

“Добродојдовте во Тетово, градот во кој никому не му е гајле на ништо”, е главната порака која што ја пренесоа група активисти од Тетово преку поставување на табли низ целиот град.

Во Тетово ѓубрето расфрлано на сите страни, има дупки по патишта, владее сообраќаен хаос, секој се паркира каде што сака и недостасува јавен презвоз. Ова се само дел од бројните проблеми со кои секојдневно се среќаваат Тетовчани.

Мотивирани од овие проблеми и со желба да повикаат на колективна одговорност за состојбата во која што се наоѓа градот, група активисти поставија табли со следните пораки: “Не ми е гајле каде се паркирам“; “Не ми е гајле каде фрлам ѓубре“; “Не ми е гајле што нема јавен превоз”; “Не ми е гајле што има дупки”.

Активистите инсистираат на одговорност за хаосот, но во случај кога локалната самоуправа не реагира, а Тетовчани се гушат во ѓубре и несоодветни услови за живот, тие решија дека не е доволно само да поставуваат прашања, туку треба и да се дејствува во насока на решавање на проблемите.

Фондацијата Отворено општество – Македонија активно ги поддржува граѓаните во нивните напори да направат промени кон подобро. Оваа герила акција на активистите од Тетово е дел од активностите со кои тие на креативен начин пробуваат да ги подобрат условите за живот во градот и околината и да прават притисок врз властите за решавање на овој проблемите со кои се среќаваат граѓаните.

Креативниот активизам, како форма на граѓански активизам,  јасно ги визуелизира проблемите, а понекогаш успева и да придонесе во нивното решавање. Уметноста кога е ставена во функција може да направи вистински промени. Свесни за овој потенцијал на уметноста, ние во ФООМ континуирано поддржуваме голем број активности, особено активности со еколошка тематика како што е оваа герила акција на тетовчани.

—————————————————

10 септември 2019