Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика го отвори настанот и посочи за актуелноста на темата – пандемијата Ковид 19 и незјиното влијание на секојдневниот живот.

Данче Даниловска Бајдевска, програмска директорка од Фондација Отворено општество – Македонија, го претстави проектот и ја објасни подршката која ФООМ ја дава континуирано за заштита на маргинализрани групи на граѓани, заради фактот што како резултат на Ковид-19 пандемијата, најголем дел од работниците кои функционираат во неформалната економија бележат опаѓање на нивните приходи со што се соочуваат со ризик да западнат во екстремна сиромаштија, односно во неможност да ги задоволат своите егзистенцијални потреби. Кај најголем дел од неформално вработените работници приходот по основ на нивните економски активности претставува единствен извор на приход за финансирање на нивните основни човекови потреби. Во Северна Македонија нешто повеќе од 128.000 лица се неформално вработени. Тие се најчесто вработени во најпогодените сектори во економијата. Најголем број неформални работници има во земјоделството (каде над 50% од работниците функционираат на неформална основа), потоа градежништвото, каде околу 32% се неформални работници, услужни дејности (18%) и административна поддршка (14%), изјави програмската директорка.

Поради КОВИД-19 пандемијата на глобално ниво и рестриктивните мерки, околу 80% од светската работна сила е погодена од оваа рецесија. Во 2020 година на глобално ниво околу 2 милијарди луѓе работеле во неформалната економија.  Речиси 1,6 милијарди неформални работници (дури  76% од вкупниот број на неформални работници) се значајно погодени од кризата што доведе до намалување на нивните приходи од дури 60%, професорот Борче Треновски од Аналитика, зборувајќи за глобалните трендови и Ковид-19 пандемијата, укажа на гореспоменатите податоци. Тој додаде дека голем дел од неформално вработените работници се соочуваат со дилемата „да се умре од глад или од вирусот“.

Министерската за труд и социјална политика Јагода Шахпаска ги посочи донесените пакети мерки за справување со Ковид-19 и укажа на проблемот за можноста да се идентификуваат неформалните работници, но Министерството постојано прави напори да ги подржи и да им овозможи пристап во системот на овие работници. Воедно, министерката спомена и за измените на законот за социјална заштита, во насока на олеснување на пристапот до гарантирана минимална помош како директна помош на овие лица. Бројот на приматели од оваа мерка се 33.500 домаќинства. Се олесни пристапот на ученици за детски додаток, и се опфатија 19.000 деца приматели на детски додаток. Министерката очекува да се намалува неформалната вработеност, да имаат вистински бројки за овие работници, да се создадат услови за подобро деловно опкружување, поддршка на формализацијата и јакнење на даночниот морал. Воедно спомена дека министесртвото прави напори преку новиот закон за работни односи да се формализира работата на сезонските земјоделски работници со цел да им се гарантира сигурен доход кога нема да бидат ангажирани. На крајот спомена дека сепак недоставува доволна информираност за користење на мерките и во оваа насока треба да се прават напори за поголемо информирање.

Градоначалникот на општина Илинден, Жика Стојановски зборуваше за притисок од Ковид 19 на локално ниво и исткна дека интеграцијата на активности за справување со пандемијата, помеѓу централно и локално ниво е најважна. Општината ги одложи плаќањата за данок на имот, ги стимулираше компаниите преку одложено плаќање данок на имот, потикна нови инвестиции и со тоа се креираа нови работни места дури и во пандемијата. Изградбата на нова детска градинка, со поддршка на централната власт, општината директно придонесе за намалување на неформалната вработеност и на невработеноста, но и придонесе за вработување на жените како поранлива категорија на граѓани.

Билјана Ташевска од Аналитика го истакна проблемот на неформалните работници во РС Македонија, и посочи дека најголем број неформални работници има во земјоделството – 52% од вкупниот број неформални работници во земјата.

Кристијан Кожески од Аналитика ги објасни мерките кои ги превземаа централната  и локалната власт за справување со пандемијата од Ковид -19 и укажа на фактот дека неформалните работници можат да почувствуваат само индиректен ефект од мерките на централната власт .

Тамара Мијовиќ Спасова од Аналитика посочи на фактите од теренското истражување за социекономските ефекти од Ковид-19 врз ранливите категории на граѓани. Таа додаде дека најголем дел од испитаниците (63%) имаат приходи пониски од 20.000 денари месечно, 65% од неформално вработените не остварувале приходи во претходниот период, 16% од испитаниците бележат ниво на доход пониско од законската месечна минимална плата, 46% од испитаниците кажале дека Ковид-19 пандемијата придонела за значајно зголемување на трошоците за разни намени поврзани со оваа пандемија, дури 62% од испитаниците се соочиле со значајно намалување на своите приходи како последица од пандемијата, а 17% од неформалните работници ја изгубиле својата работа како последица од КОВИД-19 пандемијата. Понатаму, 75% потврдиле дека немаат искористено ниту една мерка во претходниот период.

Бојана М. Христовска од Аналитика ги истакна меѓународни искуства од земји кои вовеле мерки за помош на неформалните работници. На крајот ги наведе суштинските препораки и предлог мерки за помош на неформалните работници, на пример дека е потребно неформалните работници добро да се таргетираат, поголемо информирање за опасноста од вирусот и важноста од заштитна опрема при работа со цел да се намали  изложеноста на работниците и нивните семејства на Ковид 19, проширување на опфатот за социјална заштита на неформалните работници и навремен трансфер на пари, специфичните мерки треба да се прилагодат посебно на жените работнички кои истовремено имаат семејни одговорности, проширување на опфатот на системот на здравствена заштита со вклучување на неформалните работници, обезбедување на бесплатна заштитна опрема, неформални работници кои ќе станат дел од формален сектор нема да плаќаат данок на доход и придонеси, во период од 6 месеци и еднократните парични трансфери да станат континуирани додека трае Ковид 19 пандемијата.

Од вкупно 111.033 луѓе кои се занимаваат со земјоделство, 35% (38.478) се неплатени семејни работници во најголем дел жени, 49% се самовработени и околу 15% се редовно вработени. Околу 17% (18.379) од вкупната ангажирана работна сила во земјоделството се ангажирани на одредено време или како сезонски работници, на овие податоци укажа Марина Тошеска од организацијата Агролидер Кривогаштани.

Овој настан беше организиран во рамки на проектот „Одговор на социо-економските ефекти од КОВИД-19 преку поддршка на ранливите групи на ниско-платени работници, работници кои се дел од неформалната економија и привремено вработени работници”, што го спроведува конзорциум од 5 организации составен од: Институт за економски истражувања и политики Finance Think – Скопје; Здружение за истражување и анализи ЗМАИ – Скопје; Аналитика – Скопје; Здружение Гласен текстилец – Штип и Здружение за рурален развој ЛАГ Агро Лидер – Кривогаштани, со финансиска поддршка на Фондацијата Отворено општество – Македонија.

—————————————————

10 мај 2021