Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Независниот академски синдикат (НАкС) денес ги презентираше наодите и заклучоците од првото спроведено истражување на универзитетската автономија во Република Северна
Македонија, изработено во рамки на проектот „Универзитетската автономијата во македонското високо образование: Статус и перцепции“ кој е финансиски поддржан од
Фондацијата Отворено општество – Македонија. Истражувањето на универзитетската автономија во Република Северна Македонија, иако е спроведено во период кога новиот Закон за високо образование сè уште не беше целосно имплементиран, и треба да се има предвид дека перцепциите на испитаниците генерално беа базирани на поранешни Закони, сепак овозможува да се стекнe претстава за целината на прашањата поврзани со четирите сегменти на универзитетската автономија.

Кога станува збор за Република Северна Македонија, согласно поставените индикатори од страна на Европската универзитетска асоцијација (EUA), оценката укажува на тоа дека нашата земја би била најдобро рангирана во однос на академската автономија и организациската автономија, послабо рангирана во однос на кадровската автономија, и најслабо рангирана во однос на финансиската автономија.

ОРГАНИЗАЦИСКА АВТОНОМИЈА

Разгледувајќи ја организациската автономија во однос на начинот на избор на ректор, со новиот Закон е извршена измена во системот со која целата академска заедница учествува во процесот на избор на ректор, што осигурува повисок степен на демократичност. Воедно, новиот Закон предвидува универзитетите да можат самостојно да ги организираат единиците во различни подрачја, но и да основаат правни лица со непрофитен карактер, чијашто дејност е поврзана со вршењето на дејноста на универзитетот.

Перцепцијата кај академската заедница врзани со организациската автономија, е дека таа е од исклучителна важност. Од друга страна, пак, оценката за оствареност, дава друга слика, односно, перцепцијата за целосна оствареност се движи од 17% до 26% што е во остра спротивставеност со степенот на значење. Мора да се напомене дека ваквиот расчекор е последица на перцепцијата дека постои влијание врз раководствата на високообразовните установи од страна на властите.

ФИНАНСИСКА АВТОНОМИЈА

Во рамките на финансиската автономија универзитетите ги чувствуваат најголемите негативни последици од системските решенија. Земено во целина, кај нас постојат рестрикции кои го обременуваат финансиското работење на високообразовните установи и ја отежнуваат реализацијата на нивните активности. Република Северна Македонија спаѓа во групата земји во кои јавното финансирање на универзитетите се обезбедува од државниот буџет, а за користење на средствата, вклучително и средствата од самофинансирачките активности, буџетските корисници доставуваат финансиски планови по квартали до Трезорот, кој понатаму ја определува динамиката на реализација на средствата. Ова значи дека високообразовните установи номинално самостојно располагаат со сопствените приходи, но бидејќи се дел од трезорското работење, користењето на средствата се усложнува. Дополнително, кај нас не е дозволено финансирање на универзитетите со користење заеми и кредити ниту задржување на вишокот средства од основниот буџет на МОН и пренесување во наредната фискална година.

Академската заедница ги цени индикаторите за финансиската автономија како „многу“ или „прилично важни“ (со над 90% од одговорите), а перцепцијата за оствареноста, кај повеќе од половината испитаници (50% – 70%) е дека тие се само „делумно остварени“ или „неостварени“. Како причина за ваквата состојба се наведува фактот дека универзитетите немаат можност самостојно да ја утврдуваат школарината, дека трезорското работење ја ограничува слободата на користење на сопствените средства, и дека посебен проблем претставува спроведувањето на процесот на јавни набавки, кој во одредени ситуации го отежнува работењето на факултетите. Во анкетата, исто така, е укажано и на нетранспарентното и ненаменско трошење на средствата од страна на раководните органи.

КАДРОВСКА АВТОНОМИЈА

Високообразовните установи согласно Законот се автономни во однос на кадровската политика. Сепак, во практиката постојните процедури го ограничуваат ова законско право, а од истражувањето може да се заклучи дека кадровската автономија е сегментот кој заедно со финансиската автономија најмногу ја еродира универзитетската автономија во целина. Во
сегментот на вработувањето на наставниот и ненаставниот кадар, универзитетите се среќаваат со процедура во која мора да добијат одобрение и од матичното министерство и од Министерството за финансии. Оваа процедура се однесува не само на новите работни места, туку и на испразнетите работни места за кои веќе биле планирани средства во буџетот, што го прави ограничувањето апсурдно и насочено кон намалување на обемот на универзитетската автономија.

Резултатите од анкетата покажуваат дека и кај кадровската автономија над 90% од испитаниците сметаат дека станува збор за „многу важно“ или „прилично важно“ прашање. Во однос на перцепцијата за степенот на оствареност, речиси две третини сметаат дека самостојноста во одлучувањето за висината на платите е „делумно остварена“ или „неостварена“.

АКАДЕМСКА АВТОНОМИЈА

Во однос на индикаторите за академска автономија, Законот за високото образование од 2018 година воведе новина со која Владата донесува одлука само за бројот на студентите чиешто студирање се финансира од буџетот, додека за бројот на студенти надвор од оваа квота одлучуваат високообразовните установи во рамките на бројот утврден со акредитацијата. Ова позитивно влијае на зголемување на степенот на академската автономија во определувањето на бројот на студенти. Покрај ова, освен општите услови, критериумите и постапката за прием на нови студенти се во ингеренција на високообразовната установа.

Aкадемскиот кадар ја цени академската автономија како „многу важна“ и „претежно важна“ (со над 90% од одговорите), а во однос на степенот на оствареност во испитаниците сметаат дека оствареноста на индикаторите е „целосно“ и „претежно остварена“ (над 50% од одговорите).

Целосното истражување можете да го најдете на веб страницата на Фондацијата Отворено општество – Македонија и на страницата на Независниот академски синдикат (НАкС), на
следните линкови:  http://www.fosm.mk/mk/Home/Publication?newsID=12773&catID=9 или на https://naks.org.mk/

—————————————————

3 јули 2019