Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во западноевропските држави, пристапот на граѓанските организации (ГО) до државното финансирање е поврзан со концептот на јавното добро (public good) и со правото на здружување на секој поединец со другите граѓани со цел да остварат некое заедничко право, идеја или активност(и) што не ги задоволува јавниот или приватниот сектор. Денешните добри практики во европски контекст се водат од дефинирањето на улогата на ГО во развојот на општеството, во насока на остварување на јавното добро, сè со цел тие да бидат финансиски одржливи и да дејствуваат автономно и независно од другите, пред сè од политичките и приватните влијанија и интереси.

Во трите последователни стратешки документи на полето на соработката и развојот на граѓанскиот сектор во Република Северна Македонија (РСМ), доуредувањето и подобрувањето на државното финансирање на ГО е предвидено како една од приоритетните мерки. Сепак, сè уште отсуствува целосна реформа на системот и на процедурите, особено во насока на развивање на моделот и рамката што би биле засновани на дефинирање на јавното добро и потребите на ГО врз база на јасната визија за придонесот на ГО во општеството, односно нивниот придонес во социо-економскиот развој на РСМ.

Анализата се осврнува и на целокупната постоечка нормативна рамка, пред сè на практиката на државното финансирање на ГО. Воведувањето и подобрувањето на специфичниот вид поддршка треба да бидат усогласени и да бидат додадена вредност на постоечката рамка. Второ, постојните анализи укажуваат на тоа дека пристапот на ГО до државното финансирање во РСМ не е во согласност со нивните потреби, трендови и со европските практики и реформски напори за транспарентни, одговорни и отчетни јавни институции, па оттаму бара целосна реформа.

Целосниот текст на анализата можете да го најдете тука:

***

Оваа aнализа е производ на воспоставената соработка меѓу Генералниот секретаријат на Владата на Република Северна Македонија, Одделението за соработка со невладините организации на Генералниот секретаријат на Владата и Советот на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор со Фондацијата Отворено општество – Македонија, во насока на исполнување на стратегиската цел „Унапредување на системот на државно финансирање на граѓанските организации“, утврдена во Стратегијата на Владата за соработка со и развој на граѓанскиот сектор (2018-2020) и планот за спроведување на мерката 6: „Воспоставување транспарентен и до- верлив модел за државно финансирање, со воспоставување единствен фонд за институционален развој на граѓанските организации и за кофинансирање на ЕУ-проекти“.

Фондацијата Отворено општество – Македонија обезбеди финансиска и експертска поддршка за подготовка на „Анализа на финансиската поддршка на здруженијата и фондациите од буџетот на Република Северна Македонија (од 2017 год. до првата половина на 2019 год.) со компаративна анализа на моделите за државно финанси- рање од другите земји и предлог-модел на Фонд за поддршка и развој на граѓанското општество и кофинансирање на ЕУ-проектите во Република Северна Македонија“

—————————————————

11 ноември 2020