Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Здружението „Центар за правни истражувања и анализи“, активно се залага да ги оспособи граѓаните, како индивидуално, така и колективно, подобро да го разберат функционирањето на правниот систем и неговата ефикасност и влијанието кое го има тој врз нивниот живот во рамките на владеењето на правото.

Секојдневната потреба и учеството на граѓаните во управните постапки, подразбира дека системот на владеење на правото зависи од правилната имплементација на законите во пракса. Како гарант и заштитник на правата и слободите на граѓаните против незаконитите акти на државните органи се јавува Управниот суд кој треба да обезбеди ефикасна, ефективна и економична судска заштита. Сепак, граѓаните на РСМ имаат потешкотии во поглед на остварувањето и заштитата на нивните права и слободи од незаконитите акти на државната управа, пред сè и поради недостатокот на можноста да бидат сослушани во текот на постапката по управен спор.

Отвореноста на судовите изразена преку јавните расправи, како и јавното изрекување на одлуките, се суштински сегмент на правото на фер судење и владеење на правото. Од досегашната пракса на управните судови може да се утврди дека јавната расправа со странките во управен спор се одржувала само по исклучок. Европските стандарди, пак, меѓу кои и праксата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП), Судот на правдата на Европската Унија (СПЕУ) и acquis Communautaire, истакнуваат дека јавниот карактер на судската постапка претставува дека еден од основните принципи на правото на фер судење.

Во своите заложби за реформа на правосудството, Министерството за правда предвиде донесување на нов Закон за управните спорови (ЗУС), во кој е предвидено дека Управниот суд ќе донесе одлука само врз основа на јавна, непосредна и усна расправа. Со оваа законска новина, управната заштита за граѓаните ќе биде издигната на ниво во согласност со правните принципи. Со цел да има доследна имплементација на законот, притоа имајќи предвид дека управните судии немаат постапувано во јавна расправа пред странки, тие имаат потреба од подобрување на своите капацитети при одржувањето јавна расправа со цел граѓаните да добијат соодветен корективен механизам кога извршната власт постапува спротивно на законот.

„Административна правда по европски мерки” е проект имплементиран од Центарот за правни истражувања и анализи чија цел е подобрување на системот на добро владеење во Република Северна Македонија преку обезбедување на ефективна административна правда заснована на европски стандарди. Проектот ќе го зголеми почитувањето на принципот на добро владеење преку зајакнување на капацитетите на управните судии за водење на јавна расправа во управен спор бидејќи самите тие немаат никакво знаење за водење на јавни расправи во управен спор.

Преку спроведените активности, како што се прирачникот за судии за водење на јавна расправа во управен спор, спроведување на обуки во рамките на АСЈО користејќи ги искуствата на Република Хрватска како и информативни постери, проектот ќе се обиде да обезбеди зголемување на ефективноста и транспарентноста на Управниот суд на РСМ но и ефикасен, ефективен и економичен коректив на доброто владеење во РСМ.

„Административна правда по европски мерки” е еден од 15-те проекти на граѓански организации целосно поддржани од ФООМ за спроведување активности кои ќе придонесат за подобро разбирање на процесот на пристапување на Република Северна Македонија во Европската Унија.

За повеќе информации за работа на Центарот како и за активностите од проектот, следете ги на нивниот веб сајт и нивната фејсбук страница.

—————————————————

11 август 2020