ФООМ во рамки на програмата за работа во 2023 година објави Конкурс за доделување грантови за поддршка на проекти на граѓански организации ангажирани во промоција и поддршка на процесот на интеграција во Европската унија и регионалната економска соработка, прилагодување кон климатските промени насочени кон праведни политики за животна средина и одржлива зелена транзиција во земјата и адресирање на предизвиците на процесот на дигитална трансформација на општеството.
Управниот одбор на ФООМ ги разгледа пристигнатите предлог проекти и донесе одлука за доделување на девет гранта вкупен износ од 207.048 УСД за следниве проекти:
- „Think b4 you click – Размисли пред да кликнеш“ кој ќе го спроведува Здружение за активизам, едукација, култура и уметност Граѓански Центар АктивУм, Куманово. Главна цел на проектот е намалување и подобро справување со сајбер булингот во општина Куманово, преку зголемување на дигиталната писменост меѓу учениците на возраст од 11 до 15 години и наставниците во основното училиште „Крсте Мисирков“ во Куманово. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 15.030 УСД.
- „Проект за инклузија во пристапот до јавни информации за лицата со попреченост“ кој ќе го спроведува Здружение за промоција и развој на инклузивно општество ИНКЛУЗИВА Куманово. Главна цел на проектот е примена на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер во рамки на локалните самоуправи на инклузивен начин, достапен за лицата со попреченост и зголемување на капацитетите кај сите чинители за важноста од практикувањето и остварувањето на ова уставно загарантирано право преку едукација и информирање за придобивките од инклузивна проактивна транспарентност. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 24.577 УСД.
- „Сееме семе на промени- жнееме надеж за поздрава животна средина“, кој ќе го спроведува Невладина организација за волонтерски активизам -НОВА „ЦИВИСТА“. Проектот ќе се фокусира на подигање на свеста, промовирање на одржливи и добри практики и ангажирање на засегнатите страни да поттикнат позитивни промени, особено кај младата популација. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 19.925 УСД.
- „Градиме ЕКО навики“, кој ќе го спроведува Здружение Иницијатива за Економски Развој на Ромите – РЕДИ Скопје. Главна целна проектот е да придонесе кон почиста животна средина преку активности и промоција на важноста на циркуларната економија и системот за примарна селекција на отпад. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 24.900 УСД.
- „Развој на култура на сајбер безбедност во образовниот систем на Северна Македонија – Зајакнување на капацитетот на младите луѓе и наставниците за примена на мерки за сајбер безбедност и развој на ефективни училишни програми за спречување на сајбер-насилство“, кој ќе го спроведува Здружение за истражување на политики Аналитика Скопје. Главна цел на проектот е запознавање на младите со придобивките од дигиталната трансформација и зголемување на употребата на мерките за сајбер безбедност кај младите со што ќе се зголеми нивно безбедно присуство на интернет и ќе се намалат негативните ефекти . Предвидениот буџет за реализација на проектот е 24.994 УСД.
- „Заедно за зелена транзиција против климатските промени“, кој ќе го спроведува Здружение Центар за одржлив развој на заедницата Дебар. Целта на проектот е ублажување на причините за климатските промени, поттикнување на зелената транзиција и прилагодување на предвидените предизвици преку донесување политики на локално ниво и ангажман на граѓаните. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 24.437 УСД.
- „Праведна зелена транзиција – Пркос за безгласните“, кој ќе се спроведува од Фондација ИДЕА Југоисточна Европа Скопје. Главна цел на проектот е намалување на социјалните и економските последици од зелената транзиција на заедниците кои живеат во економски ризик, сиромашните и лицата од рурални средини. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 25.000 УСД.
- „EUConnect: Зајакнување на бизнисите за европски успех“, кој ќе се спроведува од страна на Здружение на граѓани Центар за истражување и анализи НОВУС Струмица. Целта на проектот е подобрување на деловното опкружување и подобар економски развој на регионот што промовира одржлив економски раст, привлекува инвестиции, го стимулира претприемништвото, ја подобрува продуктивноста и целокупната состојба на бизнис секторот преку ЕУ усогласеност и соработка со субјекти од другата страна на границата. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 24.270 УСД.
- „Премостување на дигиталниот јаз: подобрување на животот на жените во руралните средини“, кој ќе се спроведува од Здружение на граѓани за поддршка на меѓуетнички дијалог и развој на заедницата „Заеднички вредности“ – Скопје. Проектот ќе се насочи кон подобрување на условите за животот на жените во руралните средини преку пристапот, употребата и примената на дигиталните технологии и вештини. Предвидениот буџет за реализација на проектот е 23.915 УСД.
—————————————————
21 јули 2023