МАРК МАЛОК-БРАУН, 7 јули 2021 година
Со децении застапниците за демократија и човекови права работеа под претпоставка дека сѐ поголем број влади во светот ја прифаќаат слободата и нејзините правила и норми. Но, неодамнешниот остар пресврт на генерацијата на напредокот ги принудува застапниците и активистите повторно да ги разгледаат нивните модели на промена.
ЊУЈОРК – Креаторите на политики повторно размислуваат за демократијата. Претседателот на САД, Џо Бајден, планира да биде домаќин на самит на оваа тема, а мојот инбокс се полни со покани да бидам домаќин на настани за демократија и човекови права.
Обновениот фокус не е добра вест. Тоа е одраз на ерозијата на демократијата и почитувањето на човековите права во последниве години. Фридом хаус известува дека помалку од 20% од светската популација сега живее во она што го категоризира како целосно слободни општества, најнискиот удел во повеќе од четвртина век. Многу држави постојано се приближуваат кон авторитаризам.
Слободата е во неволја од добро познати причини. Во многу држави, зголемувањето на нееднаквоста и маргинализацијата на различни групи го потхранува прифаќањето на десничарскиот (и во некои случаи левичарскиот) авторитаризам. Додека светот се бори со брзите технолошки промени и економското реструктуирање, многумина се далеку од убедени дека демократиите имаат предност во однос на адаптирањето и креирањето на далековиди политики. Пандемијата – којашто многу демократии лошо ја раководеа – ги продлабочи овие сомнежи.
Ова се тешки времиња за оние од нас кои длабоко веруваат дека апсолутната основа за добра влада, што не е предмет на преговори е слободно граѓанство со демократска моќ еднакво заштитено со закон. Јас сум претседател на најголемата приватна филантропија во овој домен. Ако сме искрени кон себе, ќе признаеме дека нашите традиционални модели за унапредување на демократските вредности и институции се борат.
Фондациите отворени општества (ФОО) беа основана во 1980-те години под претпоставка дека постои итна глобална и јавна потреба за слобода и дека сѐ повеќе влади во светот ги прифаќаат овие правила и норми. Тоа ни овозможи (во партнерство со локалните активисти) да употребиме комбинација од засрамување и охрабрување за да ги убедиме владите да донесат закони за човековите права и демократски процедури и истите да ги почитуваат.
Без оглед дали нашата работа се однесуваше на Ромите во Средна и Источна Европа, ЛГБТКИ заедниците во Африка, етничките малцинства во Јужна и Источна Азија, правата на жените во Јужна Америка или заштитата на мигрантите и бегалците во целиот свет, се чинеше дека извршуваме историска мисија. И еден ден, таа потрага може да доведе сите поединци да уживаат целосни и еднакви права и можности.
Меѓутоа, денес плимата што надоаѓа не ги раздвижува сите бродови, токму спротивното, се чини дека сите се во ризик да потонат. Ненадејниот остар пресврт на 20-годишните придобивки за човековите права нѐ принудува повторно да размислиме.
Како фондација со која до ден денес претседава нејзиниот основач, Џорџ Сорос– човек кој го преживеа нацизмот и избега од комунизмот во неговата родна Унгарија – нема да проминеме кон прашања што претставуваат помали предизвици. На крајот на краиштата, Сорос ја започна фондацијата кога изгледите за унапредување на човековите права се чинеа толку тешки колку што се чинат и денес.
Значи, за мисијата не се преговара. Но, мора да се навратиме на нашиот приод. Мора да прашаме како да ја вратиме јавната поддршка за демократските норми и за нормите за човековите права, истовремено идентификувајќи ги појасно непријателите на отворените општества и што е тоа што ќе ги води, дури и нерадо, повторно да ги почитуваат нивните обврски.
Проблемот во Источна Европа во 1980-те беше склеротичен, комунистичките влади старееја и веќе не можеа да испорачаат за своите граѓани. Денешната ситуација е покомплицирана. На слободата повторно и се заканува вистински биполарен свет. Претстојниот Самит за демократија на Бајден делумно е напор да се соберат владите што размислуваат на сличен начин, но и поширокиот свет против авторитаризмот на кинескиот претседател Кси Џи Пинг. Тоа може да значи дека демократиите имаат непријатни партнери кога прагматизмот ризикува да ги надмине вредностите.
Густа мрежа на трговија, инвестиции, образование и технологија значи дека Кина е поврзана со Западот, и обратно, на начини на кои Советскиот Сојуз никогаш не беше. Релација што е повеќе економска отколку воена на демократиите им дава мноштво опции – од бојкот на владата и потрошувачите до покохерентна меѓународна стратегија на задржување и ангажирање – за да се притисне режимот на Кси да ги прифати нормите на добро однесување дома и надвор. Лидерите на двете страни ќе го формулираат овој контекст првенствено во однос на економијата, но и човековите права може да бидат голем добитник – или голем губитник.
Сорос секогаш ја нарекуваше работата на ФОО „политичка филантропија“. Она што тој го мисли е дека треба да се ангажираме со поширока динамика на промена и да најдеме влезни точки за да ги поддржуваме нашите прашања. За време на студената војна силните држави беа едниствените или водечките прекршители на човековите права, додека пак денес светот е една мултидимензионална закана за човековите права. Нерегулираната транснационална финансиска и корпоративна моќ ги влошува нееднаквостите, што заедно со драматичните промени во богатството на поединечните држави создава терен што претставува уште поголем предизвик. Светот постојано станува сѐ повеќе нееднаков – и бесен.
Овој бес го зголемуваат (и го подгреваат) платформите на социјалните медиуми каде поларизацијата, злоупотребата и лагите ја поткопуваат довербата во институциите. Технологијата што многумина пред само неколку години сметаа дека ќе ги овозможи човековите права, во многу случаи стана средство за манипулација на умот и затворање на општествата.
Подмолното имитирање што четиригодишното претседателство на Доналд Трамп го овозможи и охрабри во режимите низ светот ја забрза кризата со владеењето на правото и човековите права. Претседатели украдоа дополнителни мандати, официјалната корупција нагло порасна, а договорите меѓу државите ги игнорираа човековите права. Денес, оние што ги бранат и поддржуваат човековите права не се добредојдени во голем дел од светот.
Сепак, малигните влади и глобализацијата со нивните непланирани финансиски и корпоративни последици, се само половина од проблемот. Многумина сметаат дека обновеното внимание кон длабоко вкоренетиот институционален расизам во Соединетите Американски Држави и во светот – и признанието дека маргинализацијата врз основа на раса, род, религија и класа често заемно се зајакнува – ги открива границите на агендата за човековите права. Жртвите аргументираат дека правните лекови за човековите права не ги допреле корените, туку само загребале по површината.
Работата со човековите права треба да стане политичка: посилна и попаметна во нападите на нејзините угнетувачи и појасна дека е на страната на угнетените. Треба да се осврнеме на предизвиците со кои луѓето фактички се соочуваат, гледајќи подалеку од тесните политички права за да зборуваме за длабоките причини за економска и социјална исклученост.
Марк Малок-Браун, поранешен заменик генерален секретар на Обединетите Нации и копретседавач на Фондацијата на ООН, е претседател на Фондациите Отворено општество.
Извор: The Project Syndicate
Фотографија: Chris McGrath/Getty Images
—————————————————
12 јули 2021