Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Автор: Игор Стефановски

Општините Крива Паланка и Ранковце, според последниот попис, заедно имаат околу 25 000 жители. Недостасуваат многу работи, но на толку народ и еден од најважните гранични премини меѓу Македонија и Бугарија, еден од куриозитетите е што овие општини немаат јавен обвинител, а имаат Јавно обвинителство во Крива Паланка.

Бидејќи нема обвинител во Основното јавно обвинителството во Крива Паланка, во одредени денови на припомош доаѓа обвинител од Куманово. Патот во еден правец е 60 километри, или околу еден час возење со автомобил. А бидејќи кривичните дела не прашуваат кога има дежурен обвинител во градот, прашање е колку време се чека ако треба обвинител брзо да излезе на увид.

Не е вака во Крива Паланка од вчера, туку од 2015 година кога шефот и единствениот обвинител во градот, Љубомир Лапе, стана обвинител во Специјалното јавно обвинителство. Оттогаш нема решение, па товарот паѓа на Основното јавно обвинителство во Куманово, кое веќе покрива неколку општини, сè до Кратово. Шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани, отворено признава дека проблемот е поголем.

„Во ОЈО Крива Паланка недостасува и помошен персонал, работат само тројца. Еден е стручен соработник и двајца се јавнообвинителски службеници. На увид излегуваме со нашето службено возило, меѓутоа немаме возач определен за таа работа. За возење се ангажираат јавнообвинителските службеници од ОЈО Куманово. За застапување на предмети во Крива Паланка се прави месечен и годишен распоред, па јавните обвинители постапуваат согласно тој распоред“, вели шефицата на ОЈО Куманово, Теута Бедиу Рамадани.

Обвинителите во земјава ги бира Советот на јавни обвинители на оглас, од кадрите кои ќе ја завршат Академијата за судии и јавни обвинители. Зошто тогаш шеста година не можат да најдат обвинител за Крива Паланка? Од Советот велат – нема кандидат што сака да живее таму.

„Завршените кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители немаат интерес да ја извршуваат функцијата јавен обвинител во ова јавно обвинителство и не се јавуваат на објавените огласи на Советот“, велат од Советот на јавни обвинители.За проблемот се свесни и во Академијата, која продуцира обвинители, но и оттаму не гледаат постојано решение.

„Засега единствена можност за покривање на потребите во обвинителството на Крива Паланка го гледам во времено назначување на обвинители од други подрачја на тоа место“, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска.

Така, се провлекува решението во Крива Паланка да помагаат од Куманово, но, да е апсурдот поголем, недостасуваат обвинители и во Куманово. По систематизација треба да се 13, а ги има девет од кои едниот е пред пензија.

ДА СЕ САМО КРИВА ПАЛАНКА И КУМАНОВО…

Според последната јавно објавена систематизација и пополнетост на местата на Јавното обвинителство, во Северна Македонија треба да има 258 јавни обвинители во основните, вишите и Републичкото јавно обвинителство. Ама имаат 209 или 81 % од потребниот кадар. Само осум од вкупно 28 обвинителства имаат онолку обвинители колку што предвидува систематизацијата.

„Состојбата со јавните обвинители се влошува и таа е алармантна“, вели претседателот на Советот на јавните обвинители, Ацо Колевски.

Како што покажува табелата подолу, освен во Крива Паланка каде нема ниту еден обвинител, пополнетост од 50 % или помалку имаат и обвинителствата во Кичево, Свети Николе, Тетово, Берово, Делчево, Гевгелија и Ресен. Помалку од просечната пополнетост од 81 % имаат и основните обвинителства во Струга, Гостивар, Прилеп, Велес, Обвинителството за гонење на организиран криминал, Вишото јавно обвинителство во Битола и Јавното обвинителство на РСМ.

Но и меѓу тие 209 јавни обвинителски места кои се бројат како пополнети, 12 се во мирување. Како на пример, местата на членовите во Советот на јавни обвинители. Така, борбата против криминалот реално ја водат 197 обвинители или 76 % од потребниот кадар.

Првиот човек на Советот на јавни обвинители, Ацо Колевски, вели дека состојбата допрва ќе се влошува. Многу јавни обвинители ќе се пензионираат во следните години, а новите генерации од Академијата за судии и јавни обвинители не се доволни за да се подобри состојбата со кадровското прашање на Јавното обвинителство. Само годинава, околу десет јавни обвинители одлучиле да продолжат со работа. Но, има и такви кои сакале да се пензионираат.

„Голем проблем е со Законот за работни односи. Засега се дава право да се продолжи работниот однос, а сега ние не знаме како ќе постапи секој јавен обвинител приватно, дали ќе си го продолжи работниот однос или ќе се пензионира. Тука нè е голем проблем. За три години ќе треба да се пензионираат околу 30 јавни обвинители, а толку ќе излезат од Академијата за судии и јавни обвинители. Фактички ќе биде истиот сооднос од природниот одлив и приливот на нови јавни обвинители“, вели претседателот на Советот на јавните обвинители, Ацо Колевски.

Според актуелниот Закон за пензиско осигурување, жените може да се пензионираат на 62 години, а мажите на 64. А, Законот за работни односи им дава право да го продолжат работниот однос, најмногу до 65, односно до 67 години. Сепак, во процедура е законско решение кое предвидува укинување на можноста за продолжување на работниот век, освен во секторите здравство и високо образование, чиј кадар е дефицитарен. А, една третина од актуелните обвинители, или 73, се на возраст меѓу 52 и 64 години. Тоа значи дека во наредната деценија државата ќе изгуби една третина од обвинителите, ако се донесат измените на Законот за работни односи и во нив не се вметнат јавните обвинители како дефицитарен кадар.

А дека земјава навистина има дефицит од обвинители, најдобро покажува споредбата со државите со кои Северна Македонија делеше ист политички и правосуден систем до пред 30 години. Последниот извештај на Европската комисија за ефикасност на правдата при Советот на Европа, покажува дека земјава има 8,9 обвинители на 100 000 жители. На толкава популација, Словенија има 10,2 обвинители, Босна и Херцеговина 10,8, Хрватска 14,6, Србија 11,2, а најмногу јавни обвинители има Црна Гора – 19,2 на 100 000 жители.

ЛЕТ ВО МЕСТО

Како било порано? Одговорот го побаравме во старите податоци. Достапните годишни извештаи на Јавното обвинителство, почнувајќи од 2009 година, покажуваат дека никогаш немало пониска пополнетост на бројот на обвинители како во последниве три години. Во 2010 година тој процент изнесувал највисоки 97 %, во споредба со денешните 81 %.

Сепак, тоа не значи автоматски дека се намалил бројот на обвинители. Вистината е дека за целиот овој временски период во земјата има околу 200 обвинители. Падот на пополнетоста се должи на зголемувањето на бројот на потребни обвинители во систематизацијата бидејќи растел криминалот и се јавувале нови форми на криминал во земјава. Обвинителството, повеќе од една деценија, само успевало да ги пополни местата на тие што оделе во пензија или биле разрешени.

Единствен начин за Јавното обвинителство да се доекипира со нови јавни обвинители е преку дипломците од Академијата за судии и јавни обвинители „Павел Шатев“. Директорката на Академијата, Наташа Габер Дамјановска, очекува тоа да се случи во следните пет години. Во Академијата, во моментов, има 30 кандидати кои се подготвуваат да станат јавни обвинители. По теоретската настава, ќе работат и заедно со обвинителите, а сето тоа го завршуваат во септември 2022 година.

„Во моментов во Академијата наставата ја следат 60 кандидати за судии и обвинители. Ова е најбројната генерација досега. Од овој број, врз база на заемен договор помеѓу Советот на јавни обвинители и Судскиот совет, за што Академијата доби и официјален допис, од оваа генерација 30 се планирани да станат јавни обвинители, а 30 судии. Наесен 2022 година, Јавното обвинителство ќе има спремни 30 нови јавни обвинители“, вели директорката на Академијата за судии и јавни обвинители, Наташа Габер Дамјановска.

Но, зошто не се произведат толку кадри колку што се потребни? На последниот конкурс за упис во Академијата се пријавија 356 кандидати, што значи дека има интерес. Но, од нив, обвинители ќе станат 60 кандидати, ако ја завршат Академијата, бидејќи толку побарале од Советот на јавни обвинители.

„Моментално се тестираат новите кандидати на Академијата за судии и јавни обвинители и очекувам наесен да почнат со теоретската пракса“, додава Габер Дамјановска.

ДА БЕШЕ САМО ДО ОБВИНИТЕЛИ… Проблем во Јавното обвинителство не е само недостатокот на јавни обвинители. Далеку е полоша состојбата со стручниот кадар кој ја дава главната логистика во водењето на истрагите на обвинителствата, а тоа се јавнообвинителските советници и соработници. По систематизацијата, треба да бидат 392, а ги има 118. Или, во земјава има повеќе обвинители отколку нивни помошници.

Најголемо обвинителство во земјата е скопското, кое има и најмногу работа. Во сузбивањето на не ретко најтешките дела во државата треба да помагаат 95 стручни јавнообвинителски службеници, ама пополнети се само 26 работни места. Извори од обвинителството велат дека еден стручен соработник работи со неколку јавни обвинители и со тоа се губи смислата на нивната работа, бидејќи се затрупани со различни кривични предмети.Шефот на скопското Обвинителство, Сашо Рајчев, вели дека 14 јавнообвинителски службеници се нови, а петмина од вкупно 26 не работат директно во ОЈО Скопје. Четворица се префрлени во повисокото Јавно обвинителство на РСМ, а на еден јавнообвинителски службеник работното место му мирува.

„Обемот и тежината на работата, изискува секој јавен обвинител да работи со најмалку двајца стручни јавнообвинителски службеници. Потребно е преземање на интервентни мерки заради зајакнување на капацитетите на обвинителството и тоа како материјалните така и човечките ресурси, за да може обвинителството непречено и ефикасно да функционира како темел на владеење на правото и функционирање на правната држава“, вели Рајчев.

Да е сликата „целосна“, и кај административниот персонал од предвидените 173 извршители пополнети се само 25. Недостасува сè, од записничари до хигиеничарки. Рајчев прави паралела со судовите, каде секој судија има записничар. А во ОЈО Скопје, фактички расположливите 49 обвинители имаат на располагање едвај 15 записничари или тројно помалку. Според шефот на скопското Обвинителство, треба да се прошири систематизацијата и за секој јавен обвинител да има записничар. Јавното обвинителство на РСМ во последниот годишен извештај алармираше за состојбите со кадровското прашање.

„Еден вработен истовремено работи задачи и на уписничар, сметководител, записничар и доставувач. Ова носи со себе голем број ризици во однос на ефективното и ефикасното извршување на работните задачи.“[1]

ВЛАДАТА НЕ ГО ОДВРЗУВА ЌЕСЕТО

Ако главната причина што во јавните обвинителства недостасуваат обвинители е недостатокот на дипломци од Академијата, причината што недостасува стручен и административен кадар е што нема пари. Не дека обвинителството не бара, туку не дава Владата.

Во 2019 година, на пример, Јавното обвинителство побарало буџет од 18,7 милиони евра. На крај, им биле одобрени вкупно 8,4 милиони евра или ниту половина од потребното.

„Доколку на ова се додаде и фактот дека секоја наредна година овој недостаток на средства се зголемува поради долгот од претходната година, поради горенаведеното е повеќе од очигледно дека се доведува во прашање вршењето на функцијата на јавното обвинителство утврдена со Уставот и законите“, пишува во годишниот извештај на ЈОРСМ за 2019 година.

За 2021 година, ЈОРСМ доби буџет од 9,2 милиони евра. Тоа е повеќе од претходните години, но е само 58 % од побараните 15,8 милиони евра од Министерството за финансии. А според новиот Закон за јавно обвинителство Владата е должна да одвои 0,4 % од буџетот за јавното обвинителство, што годинава изнесува околу 16 милиони евра или приближно колку што побарало јавното обвинителство. Прашавме во Министерството за финансии зошто ги скратиле парите за Јавното обвинителство, спротивно на закон.

„При подготовка на Буџетот на РСМ за 2021 година приоритетите беа насочени кон издвојување на значителни средства за потребите на здравството и справување со последиците од здравствената криза преку преземање на економски мерки со цел помош на најпогодените сектори за зачувување на работните места“, велат од Министерството за финансии.

Во Јавното обвинителство ја разбираат состојбата. Тие се задоволни што годинава добија повеќе пари. Но, очекуваат в година, по завршување на пандемијата, да се почитува новиот Закон за јавно обвинителство и од државната каса да им бидат исплатени гарантираните 0,4 %. Во очекување на подобри времиња, годинава парите кои ги доби Јавното обвинителство ќе треба да ги штеди од сопствениот буџет за да ја истурка годината.

„Со одобрените средства за плати и надоместоци, не само што не ќе можат да се исплатат додатоците предвидени со Законот, туку нема да може да се добие согласност за вработување на неопределено време на 91 лице како што е наведено во планот за вработувања за 2021 година, а без кој кадар вршењето на јавнообвинителската функција е исклучително отежнато“, велат од Јавното обвинителство.

Според евиденцијата на Министерството за финансии, за една година во Јавното обвинителство има 17 нови кадри, во период март 2020 – март 2021 година. Од Министерството за финансии велат дека за разлика од лани, годинава Јавното обвинителство добило плус 300 000 евра за исплата на плати.

„Во текот на месец септември 2020 година, Јавното обвинителство достави Годишен план за вработување на 90 лица. Министерството за финансии со свое мислење укажа на потребата за негово ревидирање на порационално ниво, согласно одобрениот Буџет за 2021 година. Јавното обвинителство сè уште нема доставено ревидиран план за вработување за 2021 година. Министерството за финансии дава поддршка на кадровското екипирање на обвинителствата, но во рамките на одобрениот Буџет за 2021 година, без да се предизвикаат дополнителни фискални импликации“, велат од финансии.

А, за проблемите со заостанатите долгови, Јавното обвинителство годинава ги наследи и долговите на згаснатото Специјално јавно обвинителство. Само Основното јавно обвинителство – Скопје, заклучно со декември 2020 година, должи 80 575 евра по основ на вештачења и други трошоци во постапките. Кога се во прашање парите, проблемите се уште поголеми.

„Две возила со кои располага ова обвинителство се недоволни за тековното работење, едното е во чести дефекти, со тоа возило се носи поштата до судот, до МВР и други органи, со тоа возило јавните обвинители излегуваат на самото место при вршењето на истражното дејствие – увид, па кога е во дефект тоа возило, доколку дежурниот јавен обвинител не биде превезен од МВР на самото место, не постои можност јавен обвинител да присуствува на тоа дејствие, како што е предвидено по ЗКП, а другото возило за службени потреби го користи основниот јавен обвинител, кога тој не го користи, се користи за потребите и на другите јавни обвинители“, додава Рајчев.

Повторно, најдобар показател за тоа дали Јавното обвинителство на РСМ добива доволно пари е споредбата со поранешните југословенски републики. Земјава е на дното со „вложени“ 5,8 евра по глава на жител во јавните обвинителства. Во Србија, годишната „инвестиција“ е 6,5 евра по жител, во БиХ 8,14 евра, во Словенија 10,26 евра, во Хрватска 11,78 евра, а Црна Гора издвојува дури 14,43 евра по глава на жител за домашните јавни обвинителства.

Така, со недоволен буџет, јавните обвинителства низ земјата можат да „крпат“ дупки со по некое подновување во кадарот, но тоа не е ниту приближно доволно за да се реши недостатокот.

Малубројните нови вработувања нема да го решат проблемот во Крива Паланка, а наскоро таков проблем можеби ќе се појави и на други места. Се чини дека во блиска иднина, на жителите на Крива Паланка и на Ранковце им останува само да се надеваат дека парите ќе бидат доволни за да продолжат да им доаѓаат обвинители од Куманово. 

***

Сторијата е изработена во рамки на проектот „Зајакнување на капацитетите на истражувачките новинари во областите од Поглавјето 23, а со фокус на правосудството“.


[1] https://jorm.gov.mk/wp-content/uploads/2020/09/izveshtaj-na-javnite-obvinitelstva-na-rsm-za-2019-godina.pdf (стр. 10)

—————————————————

28 мај 2021