Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во рамки на проектот „Заедничка акција за итни реформи во судството“ поддржан од Фондацијата Отворено општество Македонија,  Институтот за човекови права,  Македонското здружение на млади правници и Институтот за европска политика го објавија Третиот мониторинг извештај, кој е продолжение на Првиот и на Вториот извештај „Реформи во судството – од Прибе 1 до Прибе 2 и потоа“, а се однесува на првиот квартал од 2018 година. И овој извештај е базиран на истите документи што ги утврдуваат Итните реформски приоритети (ИРП) и е изработен главно следејќи ја методологијата со мониторинг матрицата, изготвена во рамки на овој проект.

На одржаната прес-конференција говореа Мирослав Драганов, извршен директор на Институтот за човекови права, Ива Цоневска, проектен соработник во Институтот за европска политика, и Ангела Шумкоска, проектен соработник во Македонското здружение на млади правници.

Говорниците, повикувајќи се на извештајот, нагласија дека во Република Македонија е потребно  обезбедување професионализам на Судскиот совет во практика, а не само во теорија, односно обезбедување јасен и предвидлив тест за примена на критериумот „истакнат правник“. Исто така, потребна е проактивна улога на Судскиот совет и на највисоките судови во заштитата на независноста и во заштитата од влијанија, како преку подобрена комуникациска стратегија така и преку одлучувачки акции за реагирање на влијанија или притисок. Неопходна е и деполитизација на изборот и унапредувањето на судиите и јавните обвинители во практиката, а не само во теоријата, врз основа на транспарентни, објективни критериуми засновани на заслуги. Во таа насока, потребна е примена на хармонизиран систем на учинок, заснован на квантитативни, но и на квалитативни стандарди, како основа за кариерен напредок во судството и во јавното обвинителство.

На денешниот настан, меѓу другото, беше потенцирана важноста да се обезбеди брзо извршување на сите пресуди на Европскиот суд за човекови права против државата, особено преку воведување практични и ефективни мерки за секоја категорија на случаи.

„Извршувањето на одлуките донесени од ЕСЧП е една од обврските на РМ, преземени со ратификацијата на Европската конвенција за човекови права. Покрај обврската за извршување на одлуките од страна на државата, постои и општа обврска на државата за почитување на правата и слободите што произлегуваат од ЕКЧП. Почитувањето и унапредувањето на основните права и слободи на човекот и граѓанинот е една од темелните вредности на секоја држава“, се наведува во Третиот мониторинг извештај „РЕФОРМИ ВО СУДСТВОТО – јануари-март 2018 г.“, за чии потреби била спроведена и анкета со слушателите на почетна обука во Академијата за судии и јавни обвинители, учесниците на континуирана обука и предавачите.

Целосниот извештај можете да го најдете на следниот линк: http://www.fosm.mk/CMS/Files/Documents/tret%20izvestaj%20reformi%20sudstvo%20(maj%202018).pdf

—————————————————

17 април 2019