Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Серијата настани посветени на значајниот јубилеј – 25 години Фондација Отворено општество Македонија, продолжија со регионалната конференција „Зошто Европа, зошто сега?“.

Конференцијата ја отворија Фани КАРАНФИЛОВА-ПАНОВСКА, извршна директорка на Фондацијата Отворено општество – Македонија, Жорди ВАКЕР, регионален директор за Европа/ ко-директор на Европската иницијатива за отворено општество и Лукаш ХОЛУБ, раководител на Оддел за политички прашања, правда и внатрешни работи, Делегацијата на Европската Унија.

 

На конференцијата, аналитичари, новинари, членови на граѓански организации од Македонија и регионот ја разгледуваа перспективата на земјите од регионот за интегрирање во Европската Унија. Преку дебати и отворање актуелни прашања тие ги дефинираа ставовите на граѓанското општество од регионот во светло на Самитот на ЕУ за Западен Балкан во Софија. Оваа конференција, меѓу другото, даде насоки за пристапување кон ЕУ преку владеење на правото, а даде одговори на прашањата за тоа кои се вистинските закани за Европа и европеизацијата и дали земјите од регионот можат да најдат конечни и обврзувачки решенија за билатералните спорови.

Регионалниот директор на Фондациите Отворено општество за Европа, Жорди Вакер рече дека не е важно само да се пристапи кон Европската унија, туку е важен и секој ден потоа:

„Проширувањето и подготовките пред проширувањето се земаат здраво за готово. „Зошто сега“ – е многу важно дополнување на прашањето што го поставивме на овој настан. Ако ги знаете ефектите на тоа што значи да се биде дел од ЕУ, навистина е легитимно да се постави ова прашање.  Дали пристапувањето кон ЕУ беше решение за проблемите во Бугарија? Во Грција ситуацијата веќе 8 години е тешка, иако е таа дел од ЕУ, но тоа стана одреден вид проклетство за некои луѓе, како на пример тие што бараат работа.  И јас понекогаш си поставувам прашања за ЕУ, но тие што се против неа не се луѓе кои размислуваат како мене. Луѓе кои не сакаат да имаат надзор во управувањето со земјата, тие се зафатени со приказни за национализам“.

На Македонија и’ е неопходен датум за почеток на преговорите за членство во Унијата. Само така ќе има напредок на промените кои веќе се започнати. Ова го порача извршната директорка на Фондацијата Отворено општество Македонија, Фани Каранфилова Пановска на денешната регионална конференција насловена „Зошто Европа, зошто сега“.

„Европската интеграција е приоритет за Македонија, а тоа е дел од нашата мисија. Веруваме дека на Македонија и треба евроинтеграцијата. Чинам дека овие напори на ЕУ  кои беа направени по февруари со новата стратегија за проширување и со најновиот извештај од ЕК 2018 може да биде шанса не само за Македонија, туку и за регионот. Сите погледи се вперени во однос на решавањето на прашањето за името и верувам дека од исходот на овој план ќе зависи добивањето датум за почеток на преговори“.

Конференцијата е дел од серијата настани организирани по повод одбележувањето на 25-годишнината од постоењето на Фондацијата Отворено општество – Македонија

—————————————————

28 мај 2019