Идните наставници во текот на своите студиски програми се стекнуваат само со дел од неопходните основни професионални знаења и вештини предвидени со нормативите. Затоа се неопходни дополнителни образовни реформи со кои би се подобриле професионалните компетенции на наставниците во земјава, но тие нема да дадат соодветен ефект доколку државата не ги вклучи и наставниците во процесот на планирање и подготвување на тие реформи. Ова се дел од заклучоците кои беа истакнати на конференцијата „Образовни реформи: предизвици и перспективи во образованието на наставниците“ што вчера (15 мај) ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ) во рамки на програмата за одбележување на 25-годишнината од формирањето на Фондацијата.
Домашни и странски професори и претставници на граѓански организации кои работат на проекти од областа на образованието, на конференцијата ги отворија прашањата за квалификуваноста на наставниците во основното образование во Македонија, како еден од условите за квалитетен образовен процес, а дискутираа и за глобалните трендови на ова поле. На оваа конференција беше презентирано истражувањето „Образованието на наставниците во основното образование во Македонија: Состојби и предизвици“ чии автори се пет универзитетски професори, а го издаде Фондацијата Отворено општество – Македонија.
Споменка Лазаревска, програмска директорка во ФООМ на отворањето на конференцијата ги истакна програмите и реформите во образованието кои Фондацијата ги поддржала во изминатите 25 години. Меѓу бројните активности Лазаревска ги спомена реформата на средното стручно образование, воведување на концептот за матурски испит, поддршката за првото учество на Македонија во ПИЗА истражувањето, првата евалуација на високообразовните институции, изготвувањето на Националната програма за развој на образованието 2005-2015 година, која е првиот а до скоро и единствениот стратешки документ за образованието изготвен со широко учество на сите засегнати страни, а усвоен од Владата и од Собранието на Македонија, понатаму програмата за поддршка на образованието на Ромите во која поддршка добија над 1.000 млади Роми, средношколци и студенти за да го завршат своето образование, но и опремување и реновирање на над 850 занимални во детските градинки низ земјава, како и различна поддршка за основните и средните училишта и факултетите во Македонија.
Министерката за образование и наука Рената Дескоска нагласи дека ФООМ е долгогодишен партнер на образовните процеси во Македонија која континуирано дава експертска поддршка и помош. Дескоска истакна дека образованието на наставниците е важно не само за квалитетот на образовните процеси, туку и за нивниот статус.
– Презедовме мерки со кои првична цел ни беше да ги мотивираме наставниците кои работат. Но, истовремено да ги стимулираме средношколците кои завршуваат со најдобар успех да се запишуваат на факултетите кои продуцираат наставници. Но, за да се привлечат најдобрите ученици да станат наставници прво треба да изградите професија наставник како достоинствена професија и ние работиме на тоа. Мерките кои што се предлагаат во спроведеното истражување кое се презентира денеска и проблемите кои се нотирани се драгоцен придонес во процесот на реформирањето. Ве уверувам дека ќе бидат земени предвид во натамошните мерки на Министерството за образование – рече Дескоска во нејзиното обраќање на конференцијата.
Елизабета Секирарска, членка на Управниот одбор на ФООМ се осврна на некои клучните реформи во образованието направени во изминатите години без консултација со стручната јавност, а кои направиле огромна штета. Притоа таа го потенцираше негативното искуство со воведувањето на екстерното тестирање.
– Потребно е наставниците да бидат активни чинители и партнери во процесот на градење на реформите пред тие да се случат, имајќи го предвид досегашното искуство. Праксата и ефектите кои за жал допрва ќе ги гледаме покажуваат дека беа избрзани и недоволно осмислени. Така се случи образованието наместо да биде еден од најстабилните општествени потсистеми, стана генератор на проблеми во сите други општествени сфери – рече Секирарска.
Презентираните сознанија од обемното истражување за образованието на наставниците во основното образование покажуваат дека студиските програми кои подготвуваат наставници за во основните училишта не одговараат со законски утврдените стандарди, што влијае врз нивната оспособеност да одговорат на образовните, социјалните и економските предизвици на нивната професија. За да се надмине ваквата состојба, авторите на истражувањето, меѓу другото, потенцираат дека е неопходно да се изгради државна стратегија за мотивирање на кандидатите за влез на наставничките факултети, како и да се развие систем за кариерен и професионален развој на наставниците.
Во последниот панел на конференцијата, неколку странски експерти отворија дискусија за глобалните трендови и перспективите во образованието на наставниците во дел од земјите во регионот. За своите искуства зборуваа Хју Меклин, директор на програмите за образование на ФОО, Блерим Сакипи, професор на Педагошкиот факултет во Приштина и неговиот колега од Педагошкиот факултет во Љубљана Јанез Крек, Радмила Рангелов Јусовиќ, извршна директорка на Центарот за образовни иницијативи „Чекор по чекор“ од Сараево и Јанез Вогринц, декан на Педагошкиот факултет во Љубљана.
—————————————————
28 мај 2019