Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Кои се потенцијалите и можностите, но и предизвиците на отвореното општество? Какви се перспективите на граѓаните и институциите во тој поглед, што тие треба да прават за да ги поттикнат и одржат вредностите кои го чинат отвореното општество? Ова се главните елементи на дискусиите посветени на отвореното општество кои ги покренаа претставници на граѓанското општество, државните институции, медиумите, академската и меѓународната заедница на дводневната конференција „Има ли шанси отвореното општество во Македонија?“ која што на 21 и 22 мај ја организираше Фондацијата Отворено општество – Македонија (ФООМ). Со оваа конференција Фондацијата го заокружува тринеделното работно одбележување на 25-годишнината од работењето на ФООМ во Македонија.

Конференцијата почна со позиционирањето на отвореното општество на раскрсница, со лоцирање на глобалните закани и предизвици за неговите вредности, но и со изнаоѓање на пристапи и стратегии кои би биле одговор на предизвиците за зачувување на демократските стандарди. На воведната тема дискутираа Маја Бојаџиевска, претседателка на управниот одбор на ФООМ; Патрик Гаспар, претседател на Фондациите Отворено општество и претседателот на Владата на Република Македонија, Зоран Заев.

– Македонското општество од една фаза на децениско перманентно затворање, почнува да се отвора и да се ослободува. Ова е добар почеток во контекст на отворањето на општеството, но ни оддалеку не е доволно за да можеме да кажеме дека во Македонија сме го оствариле идеалот за отворено општество, концепт кој сам по себе е тешко, ако и воопшто достижен. Значи, имаме уште многу што да направиме и поправиме. Многу прашања, многу предизвици, големи очекувања, но има надеж затоа што има многу можности кои треба да се искористат – рече Фани Каранфилова – Пановска, извршен директор на ФООМ на отворањето на конференцијата.

Како клучни области кои се исправени пред вистински предизвици Каранфилова – Пановска ги истакна правната држава и создавањето ефикасни институции, развивањето критичка мисла и активно граѓанство, залагањето за професионално новинарство и култура која поттикнува општествени промени, како и градењето квалитетно образование и здрав здравствен систем.

Бојаџиевска истакна дека не случајно темата на завршната конференција на ФООМ е поставена во широка рамка, со цел да се зборува за тоа каква иднина има отвореното општество во Македонија, дали таа може да се исцрта и предвиди, за можностите кои таа ги отвора и сл. Таа заклучи дека целта што луѓето ја бараат трагајќи кон отвореното општество постојано е пред нив, а токму тие се одговорни за нејзината насока.

Патрик Гаспар се осврна на оптимизмот што го затекнал во земјава при сегашната посета, за разлика од пред една година кога перцепцијата за отвореното општество била многу поинаква и негативна.

– Сите се согласуваме дека е направен огромен напредок, но имаме и долг пат пред нас. Потребни се големи реформи за да се развие инклузивно општество, но економското зајакнување мора да оди рака под рака со правдата. Јас сум горд што уште од почетокот оваа Фондација ги изгради темелите за визија за Македонија како земја која е отворена кон демократијата и помирувањето. Отвореното општество храбро настапи онаму каде што владите не успеваат и се надеваме дека тоа ќе продолжи – рече Гаспар.

Гаспар нагласи дека Фондацијата ги поддржува европските аспирации на Македонија и оти е подготвена да помогне во тие процеси и како донатор и како застапувач на јавните политики.

Премиерот Зоран Заев ја потенцираше значајната улога на граѓаните во борбата за денешното отворено општество, како и на Фондацијата како континуиран поддржувач на демократските процеси во земјава.

– ФООМ веќе 25 години се залага за создавање динамично и толерантно општество во кое граѓаните се силни, активни и вклучени, а од владите се бара да бидат одговорни, отчетни и отворени во креирањето на политиките за граѓаните. Фондацијата вложи многу во поддршка за подобрување на животот на граѓаните. Ќе дадам конкретен одговор. Да, отворено општество има сериозна шанса во Македонија и сите ние треба сериозно да се вложиме и да ја искористиме таа шанса. Отвореното општество има потреба од силни граѓани во услови на демократско владеење, слобода на изразување и почитување на правата на поединецот – истакна Заев.

Учесниците на конференцијата ги слушнаа наодите од истражувањето „Политичката култура, идентитетите и граѓанското општество“, по што дискутираа за начините на кои нашето општество може успешно да се справи со растечките национализам, ксенофобија, апатија, исклученост, затвореност, исклучивост и несигурност. Тие се осврнаа и на можните алтернативи на растечките авторитарни и автократски стилови на владеење, како и на улогата на образованието, културата, уметноста и медиумите во напорите за промоција и зачувување на вредностите на отвореното општество.

Првиот ден на конференцијата се заокружи со дискусија за предизвиците кон независно судство во Македонија и унапредувањето на човековите права и слободи, како и за улогата на невладиниот сектор во забрзување на судските реформи.

Конференцијата продолжи и на 22 мај со дискусија за транспарентни и отчетни институции како императив за одговорна власт, за граѓанското општество и за тоа каков граѓански ангажман ни е потребен, а заврши со дискусија за тоа како Македонија може да стане отворено општество каде дискутираа министри, претставници на граѓанските организации и странски експерти.

Заокружувајќи ја конференцијата, извршната директорка на ФООМ, Фани Каранфилова – Пановска, истакна дека сега е вистинско време да се направи анализа што почнаа граѓанските организации и институциите на планот на отвореното општество, што постигнаа и кои се идните предизвици пред кои се исправени.

– За да имаме отворено општество, мора да имаме институции кои се компетентни, со интегритет, кои се ефикасни и се сервис на граѓаните. Очекувањата на граѓаните во овој поглед се огромни и постои висок ризик да не се реализираат очекувањата дека долгогодишната недоверба ќе се претвори во доверба. А ако немаме доверба во институциите, немаме систем. Покажувањето немоќ да воспоставиме систем може да резултира со апатија и индиферентност, нешто што во моментов најмалку ни треба – рече Каранфилова – Пановска.

Таа потенцираше дека граѓанските организации и институциите мораат да го надминат меѓусебниот јаз, да ја подобрат меѓусебната доверба и комуникација, како и да најдат одржливи механизми за учество на граѓанското општество во креирањето политики.

Зборувајќи за транспарентни и отчетни институции, министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, рече дека транспарентноста на институциите не може да се регулира со закон, туку таа треба да е плод на политичка култура, еволуција и сензибилизација до кои се стигнува преку долг процес. Според Манчевски, транспарентноста на актуелната влада е меѓу стратешките приоритети и досега дава резултат, но нагласи дека треба уште повеќе да се работи на ова поле.

– Транспарентноста е инструмент во рацете на граѓаните којшто им овозможува да ја оценат релевантноста на процесите и одлуките донесени од институциите. Понекогаш таа е оружје со кое тие се борат против корумпираната држава, понекогаш алатка за подобрување на ефикасноста и одговорноста на Владата. Потребата граѓаните да ги имаат сите информации и податоци за тоа што институциите работат, не треба да е прашање за дебата. Тие податоци се на граѓаните и ние мора да ги обезбедиме – рече Манчевски.

Министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, се осврна на начините на кои Македонија може да стане отворено општество. Таа нагласи дека борбата за отворено општество не е запрена.

– Демократијата не секогаш нужно гарантира дека општеството е отворено. Ние како институции треба да се критикуваме, но и да дозволиме да нѐ критикуваат конструктивно со цел да бидеме подобри. Сѐ уште сме во зародиш на воспоставување системи кои значат основа за комуникација со граѓанското општество и вклучување на граѓаните во процесите на донесување одлуки – рече Царовска.

Претставниците на граѓанските организации, Џабир Дерала од ЦИВИЛ – Центар за слобода и Ирена Цветковиќ од Коалиција Маргини зборуваа за насоките кон кои треба да се движи граѓанското општество и за предизвиците со кои тоа треба да се справи. Дерала се осврна на бавната правда, како еден од најголемите предизвици во моментов, додека Цветковиќ ја нагласи неопходноста од тоа власта да го слуша гласот на граѓанските организации.

– Државата и властите мора да останат отворени и да го слушаат гласот на граѓанското општество, особено тогаш кога нема да им се допаѓа она што имаме да им го кажеме – истакна Цветковиќ.

Конференцијата „Има ли шанси отвореното општество во Македонија“ беше последна во серијата конференции кои ФООМ ги организираше за одбележување на 25-годишнината од работата на Фондацијата во Македонија. На овие конференции се дискутираше на различни теми од големо општествено значење, како што се образование, култура, здравство, правда и сл.

—————————————————

28 мај 2019