Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во периодот од 1992 до 1994 година, во услови кога Македонија се соочуваше со блокада на границите од север и од југ, кога на земјата ѝ се закануваше, покрај стопанска, и сериозна хуманитарна криза, преку обезбедување медицинска и хуманитарна помош за 45 медицински установи низ целата земја, ФООМ ги овозможи основните услови за функционирање на јавно здравствениот систем на РМ. Во зависност од потребите, видот и големината на медицинските установи, помошта се состоеше од основни медицински апарати, лабораториска опрема, амбулантни возила, лекови и друг санитетски материјал, како и обезбедување обуки во други земји за јавно здравствениот кадар од различни медицински области. Во истиот период, од почетокот на бегалската криза, Фондацијата обезбеди хуманитарна, образовна и психо-социјална поддршка за децата-бегалци од БиХ сместени во три бегалски кампови. Вкупната вредност на наброените интервенции изнесуваше 2.318.304 долари.

Од 1995 до 2005 година, во соработка со Американско-австриската фондација од Салцбург, Австрија, за учество на повеќе од 200 млади лекари од различни профили на неколку неделни семинари за стручното усовршување во различни области во медицината, Фондацијата обезбеди 155.000 долари. Во истиот временски период, со цел да ги олесни пристапот и комуникацијата на здравствените професионалци до современите научни трендови во медицината, беше обезбедена компјутерска опрема и пристап до Интернет за 47 здравствени установи и универзитетски клиники, во вкупна вредност од 340.940 долари. Во контекст на технолошкото унапредување на функционирањето на институциите, во 2001 година, со вкупно 110.000 долари, Министерството за здравство беше помогнато да воведе нов систем на управување со документи и усовршување на националниот сервер за здравствениот систем.

По првичното обезбедување на неопходната техничка и хуманитарна помош за македонското јавно здравство, започна процес на профилирање на програми во областа на здравствените права, отчетноста и транспарентноста во носењето одлуки, со посебен фокус на достапноста, пристапот и квалитетот на здравствените услуги наменети за социјално маргинализираните и ранливи групи граѓани.

Во 1996 година, како одговор на загрижувачкото зголемување на бројот на млади кои користат дроги, за прв пат во Македонија, ФООМ ја започна Програмата за намалување на штети преку која се поддржуваа граѓански организации кои спроведуваат активности за превенција и намалување на здравствените и социјалните штети од користењето на дроги и психотропни супстанци. До 2014 година, освен обезбедувањето на основните услуги за намалување на штети, за одбележување е успешното застапување за вклучување на програмите за намалување на штети во Националната стратегија за ХИВ/СИДА и децентрализацијата на метадонската програма во повеќе градови во земјата, реализирани во соработката со Глобалниот фонд за ХИВ/СИДА и маларија, Светската здравствена организација (СЗО) и Министерството за здравство. Во овој период, за наведените активности беа издвоени вкупно 715.385 долари.

Поддршката на лицата со интелектуални пречки датира од 1999 година и се движеше од поддршка и јакнење на алтернативните решенија за грижа, до иницирање, спроведување и поддршка на процесот на деинституционализација на штитениците од Специјалниот завод „Демир Капија“. За оваа намена, ФООМ обезбеди 781.000 долари како директна поддршка на Министерството за труд и социјална политика.

Од 2003 до денес, со вкупно 3.200.000 долари, во соработка со граѓанските организации и институциите, Фондацијата иницираше, развиваше и поддржуваше проекти за заштита на здравствените права и унапредување на здравствениот статус на ромското население, проекти за јакнење на капацитетите на ромското население за самозастапување, како и проекти за менување на негативните наративи за Ромите во јавно здравствените институции. Во соработка со Министерството за здравство и граѓанските организации, со цел да се надминат бариерите во комуникацијата меѓу ромската популација и здравствените работници, беше развиена и институционализирана Програмата за ромски здравствени медијатори, додека преку Програмата за медицински стипендии за Роми, од 2010 до 2017 година, беа обезбедени 335 стипендии за студенти и средношколци на медицинските факултети и медицинските стручни училишта.

Низ годините на своето постоење, Фондацијата обезбедува поддршка за академските институции во областа на здравството. Во периодот од 2002 до 2006 година, со вкупна сума од 387.200 долари, во партнерство со Медицинскиот факултет при УКИМ, беше поддржано формирањето и развивањето на постдипломски студии за јавно здравство. Од 2014 до 2016 година, медицинските факултети во Скопје, Битола, Штип и Тетово беа поддржани со 95.172 долари за воведување на програма и подготовка на учебник за културолошки и структурни компетенции на здравствените работници, наменет за студенти на медицински науки.

Осетливоста за потребите на ранливите групи, Фондацијата ја потврди и со навремени реакции во критични периоди. Во текот на економската криза, во 2010 година, од Ургентниот фонд беа обезбедени средства за набавка на медицински перики за финансиски ранливи пациентки кои минуваат низ третман со хемотерапија. Бидејќи средствата за перики не се рефундираат од Фондот за здравствено осигурување на РМ, дел од пациентките често се откажуваат од хемотерапија со што го загрозуваат исходот од третманот на болеста. Со оваа интервенција, на 300 пациентки им беше овозможено непречено минување низ сите фази од медицинскиот третман.

Во период од 25 години постоење, за унапредување на јавното здравство и здравствениот статус на ранливите групи граѓани, ФООМ инвестираше 13.543.301 долари.

—————————————————

23 септември 2019