Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во рамките на Протоколот за соработка со Министерството за култура, во текот на 2002 и 2003 година ФООМ обезбеди основна компјутерска опрема, печатачи, пристап до Интернет и поддржа проекти на триесетина локални домови на култура. Во 2004 година, во соработка со Амбасадата на Франција преку Францускиот културен центар беше обезбедена стручна помош за унапредување на законите кои ја регулираат музејската и библиотечната дејност во Македонија. За потребите на институциите од областа на културата, а со цел унапредување на политиките и капацитетите за управување со ресурси и публика, беа одржани обуки со експерти од реномирани странски институции.

Во првата декада по осамостојувањето на Македонија, во услови на девастирани институции од областа на културата и уметноста, непостоење културни политики и лимитирани средства за културно-уметничка продукција, прекинати врски со државите на поранешна Југославија и скоро непостоечки врски со Европа и светот, ФООМ се фокусираше на поддршка на проекти на установи, организации и групи и индивидуални уметници кои беа насочени кон презентирањето и промовирањето на мултикултурниот концепт на општеството, маргинализираните лица и заедници, и особено на алтернативната култура и културните политики. Во овој период беше обезбедена поддршка за повеќе од 450 настани, фестивали, претстави, како и 50 монографии за редица институции и настани. Преку 30 ЦД музички и монографски изданија, 23 списанија и 40-тина дигитални проекти од областа културата и уметноста на сите јазици кои се говорат во Македонија беа реализирани со грантови од Програмата за култура и уметност. Беа доделени 410 индивидуални и 34 групни стипендии за патување и учество на настани, конференции и краткорочни обуки во странство, додека 70 уметници и професионалци добија стипендии за стручно усовршување. На уметници, културни институции и организации им беа доделени грантови за пристап до интернет.

ФООМ имаше клучна улога и во основањето и осамостојувањето на неколку установи и организации во областа на ликовните и изведувачките уметности. Покрај средствата за основање и опремување на просториите за работа, ФООМ обезбеди и неколкугодишна поддршка за реализација на програмските активности. Во соработка со регионалната програма за уметност и култура на ИОО во 1994 година беше основан Сорос центар за современи уметности, денес познат како Центар за современи уметности, со цел да ги поддржи и да ја промовира работата на младите ликовни уметници и критичари. Програмата за изведувачки уметности на ФООМ се осамостои како ПАРЦ МУЛТИМЕДИА во 1999 година и се специјализираше во областа на изведувачките уметности и културните политики. Во соработка со Интеркулт од Шведска, во 1999 година беше основан Детскиот театарски центар во Скопје како место за мултикултурно поврзување и запознавање на децата преку театарот. Ромскиот центар „Дархиа“, Младинскиот центар во Битола, Стрип центарот во Велес, Контрапукт и меѓународниот фестивал на студентите од факултети за драмски уметности „СКОМРАХИ“ добија повеќегодишна поддршка за реализација на нивните програмските активности.

ФООМ учествуваше во креирањето, реализацијата и финансирањето на програми со други донатори. Со Европската културна фондација соработувавме на програмите „Уметност за социјални промени“ и „Културанова“, а со Прохелветиа поддржавме проекти во рамки на програмата „Мултикулти“. Швајцарската агенција за развој и соработка, заедно со други донатори, беа партнери на ФООМ и Интеркулт од Шведска во основањето на Детскиот театарски центар.

Средства во вкупен износ од 6.615.598 долари беа потрошени на спроведување на овие активности.

—————————————————

23 септември 2019