Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Програмата за поддршка на библиотеките започна во соработка со регионалната програма за библиотеки на ИОО и во првите години од осамостојувањето на државата овозможи идејата за управување со промени во библиотеките во информатичкото општество во настанување да биде промовирана и во Македонија. Промените подразбираа неопходно техничко опремување на библиотеките за поврзување со Интернет, градење капацитети и вештини на директорите и стручните лица во библиотеките, како и овозможување размена на мислења и споделување знаења и практики. Преку 20 јавни библиотеки, вклучително и НУБ „Климент Охридски“ во Скопје, ги добија првите сетови од современи компјутери и печатачи, како и пристап до Интернет. Во неколку наврати, за јавните и за неколку факултетски библиотеки беа донирани книги и стручна литература неопходна за остварување на нивните дејности. Директорите на јавните библиотеки вклучени во програмата, во соработка со регионалната програма на ИОО, учествуваа на серија обуки за унапредување на менаџерските вештини. Основањето на првата виртуелна библиотека на Факултетот за математика и природни науки при УКИМ, како и првото студентско интернет кафе во студентскиот дом „Гоце Делчев“ во Скопје, во 1998 година, беа овозможени со грантови од ФООМ. Во 1999 година, автоматизацијата на градска библиотека во Штип овозможи осовременување на сервисите и збогатување на содржините за корисниците. Единствениот автобус – библиотека во 2000 година, во соработка со Програмата за информации на ИОО, беше вдомен во градската библиотека во Штип, со цел на жителите од руралните населби во Штипскиот регион да им овозможи пристап до книги и информации преку Интернет. Петнаесетина библиотекари од градските и од универзитетската библиотека имаа прилика да учествуваат на обуки и на реномирани стручни меѓународни настани.

За реализација на овие активности беа потрошени вкупно 331.965 долари.

—————————————————

23 септември 2019