Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Од основањето, па сè до 2004 година, ФООМ беше главниот донатор кој обезбедуваше Интернет конекција за институциите (училишта, болници, музеи, театри, итн.). Еден од најголемите проекти на ФООМ во 2005-2006 година се однесуваше на е-локална власт и имаше за цел подобри јавни политики, поголема доверба во локалната власт, посилна демократија и подобрен квалитет на услугите за граѓаните во 25 општини. Проектните активности вклучуваа обезбедување опрема (хардвер и софтвер) за сите општини од проектот, обука и сертификати за системските администратори во општините, развивање, инсталација и соодветна обука за работа со софтверот за оданочување, финансиско и урбанистичко планирање, теренски обуки скроени според потребите, итн.

Од 2004 година, Програмата за информации стана независна организација и се трансформираше во Фондација Метаморфозис која е стратегиски партнер на ФООМ во оваа област до денес и покрива широко портфолио на активности. Нејзината работа опфаќа регионални истражувања и застапување, овозможување вмрежување за донесувачите на одлуки, експертите и активистите на годишни меѓународни конференции за е-Општество (кои се организираат од 2005 година до денес), па сè до креирање национални политики, како што е подготовката на Националната стратегија за информатичко општество (2005 год.) или Националната политика за бесплатен отворен софтвер (2010-2011 год.). Програмата за информации работеше и на донесување и унапредување на одреден број закони поврзани со човековите права во дигиталната сфера, вклучително и Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, Законот за заштита на личните податоци, Законот за електронски комуникации. Во соработка со други НВОи, Метаморфозис покрена судска постапка за оспорување на законите кои овозможуваат инвазија на приватноста (вклучително и успешна иницијатива пред Уставниот суд во 2010 година), и работеше на јавно образование за корисниците на дигиталните технологии, со специјален фокус на децата и младите.

Проектите за активно учество на граѓаните вклучија елемент на премостување на јазот меѓу медиумите и граѓанските новинари, создавајќи голема видливост преку интерактивниот агрегатор на е-содржини Ping.mk (кој служи како опсерваторија на социјалните медиуми од 2009 година), и тематската платформа за активистички блогови Kauza.mk. Паралелно со испораката на обуки, менторство и практично користење на социјалните мрежи, тие обезбедуваат суштинска поддршка за НВОи, граѓански иницијативи и независни медиуми преку зголемување на нивниот досег во онлајн сферата. Во областа на заштита на приватноста, Метаморфозис има долгорочна соработка со Дирекцијата за заштита на лични податоци на Република Македонија (ДЗЛП), и беше вклучена во промоција на Законот за заштита на личните податоци од неговото донесување. Во 2007 година, Метаморфозис ги искористи своите ресурси за да се фокусира на приватноста и безбедноста на децата (www.bezbednonainternet.org.mk) за да ги продолжи активностите за заштита на дигиталните права на децата и младите, и за да одговори на зголемената потреба за заштита од говорот на омраза, во соработка со ОБСЕ и Институтот за човекови права и мир од Каен, Нормандија во Франција (nemrazi.mk). Тоа доведе до создавање на мрежа на едукатори преку обука за обучувачи (неформално образование) што ја сочинуваат наставници од основно и средно образование и активисти. Во Македонија, овие активности беа спроведени во соработка со одреден број НВОи за човекови права, организирани во Платформа против говорот на омраза, во соработка со Советот на Европа. Во 2014 и 2015 година, Метаморфозис спроведе истражување за правните и институционалните рамки за приватноста во Македонија, која имаше за цел да ја оцени тековната ситуација и можностите што ги нудат овие рамки за заштита на индивидуалната приватност на граѓаните. Исто така, истражувањето обезбеди референтна рамка и методологија за спроведување на идни истражувања и проекти во оваа област. Ваквото идентификување на законите и подзаконските акти кои влијаат врз правото на приватност, особено оние кои го регулираат собирањето, обработката, преносот и складирањето на лични податоци, може да им помогне на граѓаните (кои не се правни експерти) лесно да ги идентификуваат методите, законите и институциите коишто можат да ја компромитираат нивната приватност (http://privatnost.mk/en/).

Вкупниот износ на средства потрошени за активностите во периодот 1993-2017 година беше 4.582.316 долари.

—————————————————

23 септември 2019