Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Во периодот 1999–2004 година, ФООМ во соработка со Програмата за жени на ИОО имаше клучна улога во јакнењето на преку 110 женски организации, кои во јавноста и при креирањето јавни политики имаа одлучувачко влијание во промената на свеста и политиките кои се важни за жените. Насилството врз жените, трговијата со жени и девојки, раните бракови и прашања од различни аспекти на репродуктивното здравје, учеството во политичкиот живот, зголемувањето на свеста на жената Ромка, скриената проституција, улогата на жената во разрешување конфликти и унапредување на меѓуетничките односи, се само дел од темите каде жените од Македонија, особено оние кои биле на маргините на случувањата, биле поддржани преку грантови за учество на настани надвор од земјата, организирање едукативни работилници, форуми, активистички платформи, кампањи и конференции. На повеќе од 15 локални женски организации им беше доделена неопходна опрема и обезбеден пристап до Интернет, со цел да се зајакнат нивните застапувачки и оперативни капацитети.

Во периодот на косовска бегалска криза (1999 год.) голем број локални невладини женски организации, со грантови од ФООМ, беа активно вклучени во обезбедување хуманитарно-социјална помош за жените-бегалци сместени во камповите и во приватни домови. Прекугранични акции на активистки, предводени од Transeuropeennes од Париз, ги овозможија неопходните контакти и ресурси за да можат жените активистки, новинарки, истражувачки, адвокатки и уметници активно да учествуваат во промислувањето на причините за разрешување на конфликтите во регионот и нивно одржливо разрешување.

ФООМ имаше одлучувачка улога во формирањето на мрежата на Женски информативни центри. Акција Здруженска е организацијата која ја наследи Програмата за жени на ФООМ и продолжува да дејствува како лидер во промовирањето родова еднаквост во локални, национални и меѓународни рамки.

Жените и девојките Ромки, учеснички во националните и регионалните мрежи, поддржани од ИОО, засекогаш ја сменија сликата за местото и улогата на жената Ромка во ромската заедница во земјата и во регионот. Денес, голем број од младите активистки се успешни во своите професионални и лични животи и продолжуваат да бидат модел за членките на нивните заедници.

Истражувачкиот центар за родови студии, основан од ФООМ во 1999 година, има водечка улога во востанувањето и развојот на родовите студии во земјата и регионот. Паралелно со развивањето стратегии за регионални родови студии, во овој период Центарот има водечка улога и во воведувањето на методата на усна историја и зголемувањето на академскиот интерес за женската перспектива на жртвите на конфликтите во регионот.

Вкупната сума средства потрошени за унапредување на областа за зајакнување на жените изнесуваше 1.031.869 долари.

—————————————————

16 мај 2019