Facebook Twitter Youtube Flickr Instagram

Од основањето во 1992 година до денес, образованието е една од клучните програмски области на ФООМ. Поаѓајќи од убедувањето дека образованието е основен двигател за трансформација на општеството, Фондацијата работеше на остварување на неколку стратешки приоритети: 1) поддршка на образовните реформи и влијание врз образовните политики; 2) обука на наставници; 3) инклузија на Ромите; и 4) поддршка на образованието во време на кризи.

Со години, ФООМ беше една од најголемите невладини организации која ги поттикнуваше и поддржуваше реформите во образованието во Република Македонија, обезбедувајќи финансиска, експертска и друга поддршка за креаторите на образовни политики и за практичарите од предучилишно до високо образование. ФООМ ја поддржа реформата на средното стручно образование (VET) што ја спроведуваше Министерството за образование и наука (МОН) во 2000 година, во соработка со ФАРЕ програмата. Поддршката овозможи подготовка на нови наставни програми за 8 образовни профили, како и обука за наставниците за нивно успешно спроведување. Беше поддржано и изготвувањето на концептот за Матурата, како и учеството на Македонија во првото меѓународно истражување ПИСА. Со поддршка од Фондацијата беше изработена Националната програма за развој на образованието (2005-2015 год.), што претставува првиот и досега единствениот стратешки документ за образованието изготвен со широко учество на сите засегнати страни кој е усвоен од Владата и од Собранието на РМ. Фондацијата обезбеди бесплатен Интернет пристап, компјутерска и друга опрема за сите средни училишта и за најмалку половина од основните училишта во државата. ФООМ го поддржа првиот циклус на евалуација на високото образование во Република Македонија (2002-2003 год.) и изготвувањето на првите упатства, нормативи и процедури за спроведување на овие процеси на двата државни универзитета. Беа доделени повеќе од 600 индивидуални и институционални грантови на академскиот кадар и високообразовните институции за техничка опрема, за академска мобилност и за истражување, како и за библиотечни и други ресурси заради промовирање и поддршка на меѓународните стандарди во образованието. Преку 700 граѓани на Македонија добија стипендија за додипломски, магистерски и/или докторски студии во различни студиски области на реномирани универзитети во странство. Дополнителни 700 граѓани добија индивидуална поддршка за учество на различни кратки академски и или професионални програми (летни/зимски школи, студиски престој, итн.) на странски високообразовни институции. Заедно со австриската влада, Фондацијата ја финансираше Македонската академска истражувачка мрежа (МАРНЕТ), обезбедувајќи компјутерско-комуникациска опрема и постојан Интернет пристап за двата државни универзитета во Македонија, а беше поддржано и отворањето на првите два центри во државата со слободен пристап на Интернет – „Форум сајбер кафе“ и „Студентски интернет простор – сајбер кафе“ во Скопје.

ФООМ ги направи првите пионерски чекори во промовирањето и обуката на наставниците за интерактивни наставни техники и методи кои поттикнуваат критичко мислење кај учениците, промовираат социјална правда и го поттикнуваат користењето на компјутери и ИКТ во наставата. Повеќе од 2.000 наставници учествуваа во повеќедневни циклуси за образование и обука преку различни проекти: „Со читање и пишување до критичко мислење“, „Приоди кон визуелно размислување“, „Креативна настава и учење“, „Интегративно планирање“, „Оценување и самооценување“, „Подобрување на работата на училиштата“, „Образование за социјална правда“, „Програма за образование на Роми“ и др. Голем дел од овие проекти вклучија дополнително опремување на училници и медиатеки во голем број основни и средни училишта, како и реновирање и опремување на амфитеатри, ходници, тоалети, медиатеки и модел училници на 8 наставнички факултети од 4 државни универзитети. Во текот на 4 години беше обезбеден електронски пристап до базите на стручна литература: EBSCO, SAGE, Cambridge и Oxford University Press, и дополнително беа донирани странски прирачници и книги за факултетските библиотеки, првенствено од областа на методиките. Базирана на цврсти теоретски искуства од најдобрите светски модели за образование на деца до 10-годишна возраст, воспитно-образовната методологија „Чекор по чекор“ започна во 1994 година. Покажувајќи ги, многу бргу, првите позитивни ефекти, на барање од Министерството за труд и социјална политика и Педагошкиот завод, оваа програма се прошири и продолжи да се реализира во сите предучилишни установи во Република Македонија.

Со средства на Фондацијата и други донатори, ФООМ работеше на инклузија на Ромите во образованието. 16.000 Роми во основното образование добија училиштен прибор и дополнителна образовна поддршка во училиште и/или во неформални образовни центри. Беа доделени 2.980 стипендии за повеќе генерации средношколци и 640 стипендии за студенти Роми, како и 1.200 стипендии за средношколци и студенти за курсеви по компјутери и изучување англиски јазик. Од 2009 година наваму, преку Ромскиот образовен фонд беа доделени дополнителни 895 стипендии за студенти Роми. Овие интервенции придонесоа за зголемување на бројот на ромски ученици со завршено основно, средно и високо образование, како и за креирање ромски професионалци во различни области (правници, социјални работници, наставници, лекари, итн.). Со наша поддршка, околу 200 студенти Роми дипломирале во разни области, а најголем дел од нив се вработени во јавната администрација со можност да влијаат врз политиките кои ги засегаат Ромите.

ФООМ го поддржуваше еднаквиот пристап до образованието и во кризни ситуации. Во 1995 година, Фондацијата обезбеди стипендии за 302 деца (основци, средношколци и студенти) бегалци од Босна. Како одговор на бегалската криза од Косово во 1999 година Фондацијата обезбеди ужинки за 17.500 деца-бегалци во 90 училишта низ државата, а се направија и детски игралишта во местата со најмногу бегалци (Куманово, Гостивар, и бегалскиот камп Радуша). Со средства обезбедени од Ургентниот фонд на Џорџ Сорос за ублажување на последиците од економската криза, од 2009 до 2011 година, ФООМ во соработка со МОН го спроведуваше проектот „Образование за сиромашни“. Преку проектот се обезбедија училишни ранци и училиштен прибор за 19.363 ученици од 308 основни училишта, како и за 1.169 ученици со посебни потреби и ученици кои живеат во згрижувачки семејства и домови за деца без родители.

Во своето 25-годишно постоење, Фондацијата Отворено општество – Македонија потроши околу 32 милиони долари за поддршка на програмите за образование, од кои половината беа обезбедени од други донатори: УСАИД, амбасадите на Холандија, Унгарија, Норвешка, Австрија и Франција во РМ, Британскиот совет, Ромскиот образовен фонд, Детската фондација „Песталоци“ од Швајцарија, Фондацијата Крал Бодуен, Фондацијата Фројденберг, Култур Контакт, ОБСЕ, и други меѓународни организации.

—————————————————

16 мај 2019